ГОЛЕМ СПЕКТАКЛ ОД МАЛ ФУДБАЛ

ОД среда “Сите заедно за спортот и хуманоста”

Учествуваат 32 екипи во борба за фонд од 9 000 евра

Голем спортски спектакл на повидок, од среда, 12 декември. Во салата “Сонце” е четвртиот, традиционален хуманитарен турнир во мал фудбал на Локалната самоуправа, Стопанската комора на РМ и конфекцијата “Комфи ангел”. Имињата на организаторите се гаранција за манифестација на високо ниво. Мотото е “Сите заедно за спортот”, во чест на патрониот празник Свети Никола, заштитникот на градов. Бројот на екипите е ограничен на 32, пријавувањето е во тек.

– Наградите се 5000 евра за прво, три илјади за второ, илјада за трето место. Интересот е голем од земјава и регионот. Билетите се популарни прво 30, во завршницата по 50 денари. Собраните пари се за купување мамограф – рече градоначалникот Марјан Ристески во Стопанската комора во Скопје.

Најавата веќе еуфорично го “тресе” градот. Со нетрпение се очекува стартот на 12 декември и возбудувањата до 23 декември. Покрај официјалниот дел, предвиден е дел придружен со музика. На Свети Никола ќе свири Синтезис и ќе пее Блага Петреска. Граѓаните секогаш масовно се вклучуваат во акции од хуманитарен карактер.

– Сите 12 дена Прилеп ќе биде обоен во розево, во знакот на розевите панделки. Граѓаните ќе се запрашаат зошто е тоа така и повеќе ќе се интересираат за ракот на дојката. Екипите ќе платат котизација, која исто е во прилог на купување мамограф – истакна Ирена Јакимоска, директор на “Комфи ангел”.

Секој ден од попладневните часови (16-17, за викенд 12) до вечерта 21-22 или 23 часот) ќе биде исполнет со осмислени содржини за уживање. За љубителите на фудбалот од Скопје обезбеден е превоз на 16 и 23 декември. На турнирот, поддржан од ФФМ, предвидени се ревијални мечеви на некогашни фудбалери ветерани, стопанственици и политичари.

– Тренер на екипата од стопанствениците ќе биде Бранко Азески, претседател на Стопанската комора – најави Елисавета Георгиева, извршен директор на Комората.

За други изненадувања, не се зборува. Низ градот се слуша за Звезда или Партизан. Кога е во прашање овој калибар на спектакли ништо не е неможно.

Loading