Во Центарот за јавно здравство
Продолжува традицијата на бесплатно и анонимно тестирање на граѓаните од СИДА во Центарот за јавно здравје. Специјалистот и директор на Центарот Гоце Ингилизов препорачува контрола, поради ризиците што демнат и начините на преносливост на оваа уште неизлечива болест, за која нема вакцина.
– Животот на човек заразен од вирусот може значително да се продолжи, дури и десетици години, доколку инфекцијата е откриена во раната фаза. Затоа е препорачливо тестирањето, кое го вршиме бесплатно и анонимно. Со раното откривање се продолжува животот на носителот, но и се превенира пренесувањето на ХИВ вирусот – објаснува Ингилизов.
Според него, ХИВ вирусот најчесто се пренесува преку незаштитен сексуален однос, преку контакт со заразени телесни течности, преку крвта, користење на заразени предмети, игли, бричеви и сл.
– На вертикален начин на пренесување од мајка на новороденче, во текот на бременоста, за време на раѓањето или преку доењето. Нема опишани случаи за пренесување на вирусот преку фецес, пот, солзи, носен секрет, урина – вели специјалистот од Центарот за јавно здравје.
Тој упатува на едуцираност за користењето на заштита при сексуалните односи и контрола на корисниците на дроги.
– Со Црвениот крст и неколку НВО, Центарот за јавно здравје врши едукации со делење флаери со едукативна содржина во средните и основните училишта. Не ова не е само времена кампања. Цела години тече превентивната програма за заштита од заразни болести, особено од полово-преносливите заболувања. Во службата по епидемиологија работи Советувалиште за СИДА – кажува Ингилизов.
Во Прилеп има само еден носител на Хив вирусот.
Кондоми против СИДА
Во соработка со Центарот за јавно здравје, членови на Црвениот крст и волонтери од НВО, на први декември, денот на борбата против оваа опака болест, која често има трагичен крај, делеа кондоми и брошури за потсетување дека ХИВ вирусот и СИДА-та постојат и нема лек.