ВЕТРЕТО ДУВКА, А НЕ ПИРКА

Поголемо друштво. Неврзан разговор. Сепак, главна тема како да беше патриотизмот. Поодамна беше ова. Еден тогашен општественик, политичар, директор и што уште не, беше најактивен во разговорот. Тој критикуваше некој негов пријател, кој, кога бил во некое друштво со Бугари, се обидувал да зборува бугарски.

– А вие, како зборувавте во таквата ситуација? – го прашавме.

– Јас! Чисто македонски. Како и секогаш, како и секаде! – одговара соговорникот.

– Сме ве слушнале на седница како му се обраќате на претседавачот. Му дававте некои документи и му велите: “Изволте друже претседавајуќи”.

– Па добро, – пламнува соговорникот, – јас бев српски џак.

Нема да го коментираме “патриотизмот” на господинот. Само констатираме дека имаме многу вакви патриоти.

Пред скоро време слушнавме на телевизија дека имало некакво рангирање на нашите дневни весници. Еден весник имал највисок рејтинг. Го читаме, иако нередовно. Кога би му се броеле и јазичните грешки, рејтингот ќе му биде уште повисок. Сме се изјаснувале за повеќе грешки од тој весник. Еве, уште една, преку која не можеме да преминеме. Некаде, во Тајван, некој човек воспоставил интимна врска со некоја девојка. Но, девојката била страшно навредена, бидејќи уште првиот бакнеж бил непристоен, француски. Протестирала! Се гледа, дека текстот е преземен од некој друг медиум, од некој друг јазик. Но, нормално во нашиов весник, со највисок рејтинг, тој е преведен на наш јазик. Реченицата со која се изразува протестот гласи: “Кој пушта јазик на прв бакнеж, ПОБОГУ”! Не ја знаеме понатамошната судбина на кутриот Тајванец, но знаеме дека нашиов весник и во иднина ќе нé почестува со вакви “бисери”. До кога ДОБОГА?!

Следиме седница на некоја комисија. Парламентарна! Претседателката ја води седницата. Го објаснува дневниот ред, дава збор, коментира и така натаму. Во еден момент претседателката вели: “Збор има Сафет Незири, заменик на министерот за образование и наука”. Голема грешка е тоа. Дури и голема навреда. Господинот е ЗАМЕНИК МИНИСТЕР, а не заменик на министерот. ЗАМЕНИК МИНИСТЕР е титула, функција, звање. Тоа е статусот на соодветниот господин. Ист е случајот и со ЗАМЕНИК ДИРЕКТОР, ЗАМЕНИК ПРЕТСЕДАТЕЛ! Не може да се рече ЗАМЕНИК НА ДИРЕКТОРОТ или ЗАМЕНИК НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ, ако се тие луѓе избрани или назначени на таа функција.

Во некоја мала фирма со еден директор, во случај на отсуство, може да овласти човек кој ќе го заменува неколку дена. Но, човекот нема да биде ЗАМЕНИК ДИРЕКТОР, нема да има такво звање, но ќе биде заменик на директорот за извесно време.

Искусен пратеник, претседател на комисија, и згора на сé, и правник, не смее да не ги знае овие нешта. Срамота е, зар не?

На друга комисија, една исто така искусна и многу јарко експонирана пратеничка зема збор. Коментира, критикува, напаѓа. Подолго е нејзиното излагање. Таа како да насетува нешто што нема да биде многу убаво. Како да навестува дека ќе се случи нешто што никој не го присакува. Сепак, не сака да биде конкретна, многу директна. Дискретно сака да го најави доаѓањето на непожелниот настан. Се изразува малку сликовито и вели: “ПИРКА ВЕТРЕТО, ПИРКА”. Почитувана госпоѓо, во Македонија ветрето ДУВКА. ДУВКА, а не ПИРКА. Таму каде што ПИРКА, тоа е друг простор, тоа е под некое друго небо.

Можеби во овој контекст не е местото, но рекламите зафаќаат голем простор и во весниците и на телевизиите. А, што сé не сме прочитале и слушнале?! Скоро, прочитавме реклама дека некој доктор лекувал ПОЛНИ болести и ГЛИВИЦИ. За ГЛИВИЦИТЕ е јасно, тоа се ГАБИЧКИ. На придавката ПОЛНИ, опозитумот и е ПРАЗНИ, па затоа човек треба да размисли какви болести лекувал докторот. И тој кој ја пишувал рекламата и тие кои ја отпечатиле треба да знаат дека тоа се ПОЛОВИ болести, а не ПОЛНИ, односно, болести на половите органи.

Но, и овде, како и кај пратеничката, ветрето “пирка” на друга страна.

На каде што е човек завртен, натаму и го дувка ветрот.

Благоја Ивчески

Loading