Македонија ги презеде во свои раце реформите, покажувајќи дека отсекогаш сме го дишеле европскиот дух, не како неоткинлив дел на таа европска територија, туку и како менталитет и самосвест кон основните човекови права и слободи. Впрочем, Македонија е потписник на Европската конвенција за заштита на човековите права, која е имплементирана пред потпишувањето. Тоа е потврда на генетскиот, космополитски код, кој несебично сме го покажале низ дела од памтивек до денес. Тоа што некои “добротворници” и олеснувачи трубат дека заостануваме е само лицемерие и хипокризија да се замиже пред фактите и историјата.
Членот 8 од оваа Конвенција говори за право на почитување на приватниот и семејниот живот. Особено важен е делот кој се однесува на тоа секој човек да има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката. ДА, ДОМОТ. Тоа е светост за секој човек, место во кое се чувствува безбеден, сигурен, интимен – свој на своето. Тоа е онаа основна потреба, од која тргнува секој понатамошен чекор, потребата да се има сигурност.
Еден од проблемите, поврзани со оваа основна човекова потреба, а за која Владата виде потреба да се реши, е легализацијата на дивоизградените објекти. Не така наивен проблем, кој се провлекуваше со децении, а кој ги сопираше сопствениците на таквите објекти, беше несигурноста во иднината и чувството на неизвесност да се има нешто во сопственост, а да се нема доказ за дом, да се нема тапија, да не се биде свој на своето.
Без навлегување во причините за таквата состојба, затоа што ги има многу, различни, оправдани, неоправдани, без намера или со пропуст на законите, оваа Влада, иако минаа и заминаа многу пред неа, реши да им го симне проблемот на овие луѓе и да не остане да лебди како несигурност, како латентна опасност, да не се биде свој на своето. Владата на ВМРО-ДПМНЕ, водејќи се од вродениот македонски код впишан во колективната македонска меморија да се помага на човека кога му е тешко, изнајде начин, ислуша и го реши овој горлив проблем, оваа човекова мака со легализацијата на дивоизградените објекти.
Според извештајот на Државниот катастар, во Македонија има околу 310 000 бесправно изградени објекти или делови од објекти. Се очекува оваа бројка да биде поголема од 400 000, бидејќи сите незаконски објекти не се евидентирани. Ова не се само бројки, оти за секоја стои конкретно име, и презиме, конкретна човечка мака и судбина. Можеби пак ќе се најдат некои “добротворци”, “олеснувачи”, “европејци”, “експерти” или обични злонамерни љубоморници, кои ќе најдат маана. Но, една вистина вели “Кога не знаеш дали некоја работа ја правиш исправно или погрешно, само запрашај се, како се чувствуваш. Ако се чувствуваш убаво, значи си на вистинскиот пат”.
Прашајте ги сите граѓани кои го решија својот долгогодишен проблем како се чувствуваат. Нив речете им дека “не требаше да добијат дом”, “тој закон е лош”, “владата на чело со Груевски не ви мисли добро”.
Се радувам со што луѓето легализираа имот и велам “Убаво е да се има свој дом”!
Александар Костадиноски