ТРОН ЗА “ИСТОЧНИ” БОРЦИ И ЕДНА ПОЕТЕСА

Во ОУ “Блаже Конески”

Точилското училиште е расадник на таленти од сите области. Сепак во спортот предничат.

Петтоодделенецот Александар Гулабоски е успешен каратист со две години тренинзи во КК Ронин. Веќе освоил трето место на државно во кати. Засега е опашан со црвен појас. Трипати неделно вежбање не му е товар да биде одличен ученик. Желба му е знаењата од каратето да ги користи како полицаец.

Врсниците Иван Крстески и Михаил Стојкоски се махери за џудо. Иван е носител на две дипломи за второ и трето место во Битола и Кавадарци. На државното ја освоил бронзата, за разлика од лани кога бил сребрен. Годинава добил и парична награда. И Иван првин сонувал да биде полицаец и да “крши заби” на криминалци. Се премислил и сака да поправа заби. Вториот џудист Михаил е закитен со два медала, едниот за второ место на државно, а другиот за трето на меѓународно ниво. Меѓу 60 Срби, Бугари, Албанци, Косовци и Грци, Михаил ја освоил бронзата, кутнувајќи го бугарски натпреварувач на душекот. Кимоното го врзува со портокалов појас. Мерак му е да биде во редовите на силите за безбедност. Мислата му се сменила откако одиграл улога во претставата “Јунаците од бајките”. Сега мечтае да е актер.

Меѓу борците е “дамата”, поетесата Наталија Димеска. Шестоодделенката освоила првото место за најдобра лична творба на градската библиотека. Ментор í била наставничката Љубица Јованоска. Таа ја поттикнала да ја напише песната “Детство”. За награда добила две книги. И таа сакала да стане “џандар”, ама сега повеќе ја влече медицинската наука.

Loading