THANKSGIVING ВО ОУ “ДОБРЕ ЈОВАНОСКИ”

Наместо обичен час по англиски јазик, наставничките Јасмина Миноска и Кристина Тасеска од ОУ “Добре Јованоски” го прославиле денот на благодарноста или Thanksgiving, откако се сетиле дека се празнува во Америка и Канада во овој период.

Направиле нагледен час на активности во кој шест ученици маскирани како Индијанци и новодојдени Европејци го претставуваа Денот на благодарноста. Девојчињата биле Европејци од 17 век, кои дошле во Америка, а момчињата со пердув на главата, Индијанци. Го доловиле духот на празникот, кога Европејците останале без храна од сушите, а Индијанците им покажале како се одгледуваат пченка и житни култури, па ги спасиле од сигурна смрт. Во знак на благодарност идната година, Европејците на американско тло им спремиле гозба со мисирки, печени тикви и колачи за Индијанците – спасители.

Сето ова го прикажаа учениците од англиската секција со презентација на слики и текст со што го зголемија фондот на зборови и се запознаа со американската култура и традиција.

Часот стана и работилница како и пекарница. Се месеа колачиња во духот на празникот, а во пресрет им излегла бурекџилницата Гонзо, која ги испекла печивата. Детскиот труд завршил во стомаците на децата од НВО “ПХС”, каде додатна настава имаат деца Роми.

Loading