ТЕНЕЌЕЏИСКИ МОЛК

Триеле раце тенекеџиите есенско време. Тоа било период за набавка на пампури, бории, пузи, пепелници, каци, мангали, изработени од тенекеџиите. Со осовременувањето на животот, па и на полето на загревањето, индустријата им го зеде лебот на мајсторите со тенекии. Модерните пампури сега се купуваат во големи маркети за техничка стока.

Сликите од историјата сведочат дека тенеќеџиите не кревале глава од работа. Ангажирале повеќе калфи и чираци да одговорат на барањата за пампури – легачиња за помали собчиња, шпориња за загревање на раскошни одаи на чорбаџиските куќи, па и универзални печки на цврсто гориво со плоча за готвење по моделите на виенските фабрики, но создадени во тенекеџиската мануфактура.

Малкуте тенеќеџии жалаат за времето кога не можеле да навасаат за пампури. Оние кои успеаја да одолеат, се ориентираа на олуци, бории, и по некое метално ведро за млеко за по селата. Неколкуте се одржуваат со понуда на бории со неколку тенекиени цевки за експлоатација на топлината на чадот од горењето на камините и трајножаречките печки од гус. Се трудат и молат да продадат некое тенекиено парче. Одвреме – навреме некои се фаќаат за алатите да адаптираат некој исфрлен нафташ во печки на цврсто гориво… Во чаршијата владее тишина, оти речиси замолкна “песната” на чеканите при обликувањето на тенекијата во пампури. 

Loading