Брачната двојка Магдески
Грците не ја пуштиле македонската химна, оти бил поразен нивниот стрелец сред Атина
Во ниската просторија, исполнета со мирис на масло за подмачкување, низ потпукнувањето на дијаболите врз метите, репетирањето на воздушните пушки се родила љубов меѓу Владимир и Викторија, двајцата страстни стрелци и носители на многубројни интернационални и државни награди.
Од љубов кон стрелањето до брак
Владимир Магдески, сега е успешен комерцијалист на возраст од 30 години. Од мал го влечело стрелаштвото, бидејќи дома татко му чувал неколку воздушни и малокалибарски пушки, иако нему примарен спорт му било џудото. Владимир со љубопитство чекал момент да ги користи во спортски цели. Му се исполнил сонот во прилепската гимназија. Како што вели, со душа чекал да дојде петок да испука по пет дијаболи под острото око на првиот тренер Милка Дамеска. Се истакнувал во нишанењето и успешно ги “печкал” десетките, поставени на десетина метри. По шест месеци дошла дилемата, дали да се натпреварува во роботика и автоматика по техничко образование или да замине во Охрид на државно првенство во стрелаштво. Попривлечни биле пушките, метите и сачмите. Привилегија му било што бил заедно во друштво со нашиот познат стрелец, олимпиецот, Дарко Насески.
По неколку години “соло” склопување, расклопување, нишанење и пукање, во 1999-та година една девојка придружувана од татко í, го разубавила стрелиштето. Тоа била Викторија Андоноска која се зачленила во друштвото. Викторија низ смеа вели дека не било љубов на прв поглед, туку од “десетки”, односно недостиг на убави мажи во стрелачкото друштво. Па окото, место низ нишанот, потајно подгледувало кон две години постариот Владимир Магдески.
Пред почетокот на новиот милениум постојано заедно делеле добро и лошо, редејќи заеднички успеси на спортско поле.
Нишанската љубов ја крунисале во најситната точка на метата со брак во 2006 година. Синот Христијан бил плод на неизмерната љубов. И малиот Магдески само на шест години покажува афинитети кон спортот, оти од век и веков се знае дека “крушата паѓа под круша”. Гордиот татко вели дека Христијан прави по 25 стомачни вежби секој ден, без замор.
Владимир тера петта година како комерцијалист во “Крин производство” во Скопје. Поубавата половина од Магдевци, исто со диплома од економски, работела во “ОНЕ”, во Скопје. Тоа не им е товар да нишанат за прилепскиот клуб “Херој Прилеп”.
– Горди сме што сме прилепчани, за разлика од многумина кои се однесуваат како да се од Водно – вели Владимир.
Нема друга жена ако си со стрелец
Предностите во бракот каде се дели истата пасија и темите на разговор им се неисцрпни се многу. Заеднички се бодрат на натпревари, се радуваат кога ги удвојуваат победите. Жалат за поразите вудве.
– Штом го делам спорскиот ангажман со сопругата, не “смеам ни око да мрднам” на друга жена. Ако се случи такво нешто, однекаде, ќе ме “жегне” коленото на сопругата, како куршум од пушката со оптички нишан – кажува Магдески, со доза на шега. На пријателските стрелања не ретко Викторија е победник, без разлика дали се пука со воздушна, малокалибарска или војничка пушка.
Грци со наведнати глави
На стрелачкото дуо Магдески најдраг момент во заедничката спортска историја бил кога сред Атина, Владимир го освоил првото место против стрелец – домаќин на балканско првенство. Покрај притисоците од публиката, пристрасните судии, соколовото око, стабилната рака не затреперила. Ја погодил “десетката” во последната рунда. Не сакајќи да ја пуштат македонската химна, Грците не ја пуштиле ниту нивната, иако биле втори. Грчките делегати со наведнати глави му го дале медалот на Владимир во потполн молк од трибините. Српските, бугарските, турските и другите натпреварувачи не биле тврдоглави и му честитале, првин на тренерот Трајче Дамески, а потоа и на Владимир.
– Ја “кутнавме” цела Грција со 48 центри и 12 деветки. Не се забораваат наведнатите глави и инаетот на делегатите – се сеќава Владимир.
Последна шанса во Рио за спортска пензија
“Двојното В” Магдески во Скопје неуморно работи на проектот – приватно стрелиште. Со сопствени средства ја зеле неупотребената просторија од гимназијата “Јосип Броз Тито” и ја уредуваат целосно со нови мети, нови пушки, пиштоли и нови машини. Покрај сите финансиски тешкотии, смело чекорат да го водат новиот стрелечки клуб “Центар”. Мета им е да тренираат за поени за Олимпијадата во Бразил, што им е шанса да добијат барем бронзен медал, да се стекнат со спортска пензија. Тоа не им е единствената причина. Широкоградо сакаат да тренираат деца за овој спорт, да ги оттргнат од пороците на денешницита.
– Сакаме самодисциплината, истрајноста и искуството, стекнато низ годините, да го пренесеме на новите генерации. Со умствената стабилност тежнееме да промовираме здрав живот за младите – велат Магдески.
– За да биде човек успешен стрелец, не треба да биде пуританец, па да избегнува алкохол и цигари. Но, сé да биде умерено. Пред натпревари внимаваме на здравата храна, ја дополнуваме со витамини и имаме лесни тренинзи – завршуваат прилепските снајперисти од населбата Центар во Скопје.
![]()

