Поставени се 28 илјади мамци за глодари во канализацискиот систем во објекти – во училиштата, градинките, здравствените установи, колективните домови…
Третирани се 20 хектари стоечки води, блата и мочуришта, градската река, акумулацијата на вештачкото езеро, мини езерца и фонтани
Окончана е годинешната превентивна систематска акција против глодарите и инсектите со дератизации и две дезинсекции. Со вложување на 1,9 милиони денари, локалната самоуправа и Заводот за јавно здравје интервенираа стручно да ги спречат и да ги ублажат последиците од заразни болести, кои ги демнат граѓаните, а ги пренесуваат комарците и глувците. Со постојана едукација на населението, се одржува стабилна епидемиолошка состојба на болестите, кои како вектори или извор на зараза ги предизвикуваат глодарите и инсектите.
– Драстично се намалени ризиците од болестите пренесувани од глодарите и комарците со систематските превентивни дератизации и дезинсекции. Дератизацијата изведена пролетоска и есенва со поставување на 28 илјади мамци во канализацискиот систем се акцентира во објекти во училиштата, градинките, здравствените установи, колективните домови… Компаративниот проект за присутноста на глодари констатира редукција на степенот на инфестираност во објектите од 13 до 17 отсто. Тоа е плод на континуираното превенирање веќе пет години. Продолжуваме и в година да влијаеме инсектите и глодарите да ги доведеме до степен на биолошка толерантност – рече Гоце Ингилизов, директор на Заводот за јавно здравје.
Според него, дезинсекцијата има значителен ефект во намалувањето на инсектите и болестите кои тие ги пренесуваат.
– Се третираат 20 хектари стоечки води, блата и мочуришта, течението на градската река, акумулацијата на вештачкото езеро, мини езерца и фонтани во градското подрачје. Преку метода на ладно замаглување во ноќните часови се уништуваа инсектите на 650 хектари во центарот и периферијата – вели специјалистот Ингилизов.
Специјалистот Горан Кузески смета дека се нужни превентивни системски дератизации и дезинсекции, оти декадава ја одбележаа глобални климатски промени кои за последица имаа промени во однесувањето и распространетоста на разни животни, а со тоа и векторите на трансмисивните болести.
– Со глобалното затоплување и појавата на вирусот, предизвикувач на треската од Западен Нил, како и појавата на тропски и суптропски заболувања кои ги пренесуваат комарците и други вектори на пренесување, неопходно е нивно ставање под контрола. Најефикасна мерка претставува дезинсекцијата, која отпочнува уште во рана пролет и трае се до октомври – вели Кузески.
Дератизацијата подразбира постапки за уништување на глодарите, односно намалување на бројноста. Масовното присуство на сивиот и црниот стаорец и домашниот глушец, можат да им нанесат огромни штети на земјоделството, сточарството, текстилната индустрија и т.н.
– Штетните глодари се и извори и преносители на многу заразни болести на човекот и домашните животни, меѓу кои има и такви кои можат да се јават во епидемиска форма (туларемија, бруцелоза, лептоспироза, туберкулоза, чума, салмонелоза, лигавка и шап, беснило, трихинелоза и т. н.). Со високото ниво на штетни глодари расте опасноста од нарушување на епидемиолошка состојба. Затоа уништувањето е значајна мерка во заштита на човековото здравје и спречување на заразните заболувања кај животните – вели Кузески
Превентивните мерки не служат за само за директно уништување на глодарите, ами се преземаат со цел да се создадат услови за намалување или потполно исклучување на можностите за населување на глодарите во различни објекти или на отворени површини.
– Граѓаните треба правилно да го депонираат куќниот и органски отпад, правилно да манипулираат и да ја складираат храната, да се затвораат сите отвори околу доводните и одводните инсталации во објектите да се спречи влез на глодарите – вели Кузески.
Локалните самоуправи се должни да преземаат дезинсекции и дератизации согласно Законот за заштита на населението од заразни болести. Годишната програма на мерки за заштита од заразни болести се носи на предлог на Центарот за јавно здравје.
Стручнаците интервенирале и во Крушево и Македонски Брод.