Во Точила се нуди
Локалните власти продаваат плац од над две илјади метри квадратни на електронска аукција за изградба на приватен факултет или за средно училиште во Точила, до новата црква Света Петка. Локалната самоуправа продава плацеви, бидејќи располага со генерален и детален урбанистички план, кои се во согласност со развојните амбиции на секој град за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Идниот инвеститор ќе треба да изгради објект на основа од 820 м2 со приземје и два ката, кој покрај образовната функција ќе има и студентско сместување и ресторан за учениците и соодветни придружни простории.
– Парцелата е атрактивна за приватните факултети и училишта. Почетната цена е 350 денари за м2. Со продажбата ќе се урбанизира просторот, а Општината ќе го збогати буџетот за решавање на други комунални проблеми, ќе се раздвижува градежната оператива и ќе се отворат нови работни места – вели градоначалникот Марјан Ристески.
Почетните цени на земјиштето ги утврдува комисија, врз основа на локацијата и во согласност со соодветни државни акти. Купувачите плаќаат плус данок на имот и надомест за уредување на градежното земјиште што е утврден според правилник.
Неодамна се продадоа 5550 м2 земјиште за градба на автобуска станица со придружни објекти за повеќе од 900 денари од м2 кај противпожарниот дом. Градот најде инвеститори за индивидуална и за колективна градба на локациите во новата населба Градина, во касарните и на улицата “11 Октомври”. Општината понуди и неколку локации за куќи во селото Големо Коњари. Стопанственици купија неколку десетици хектари земјиште на 21 плац за градба на фабрики во индустриската зона Прилеп 1.