ОДЛИЧНИ ПОЧЕТНИЦИ

Ракомет: РК Филип 107 петти во Прва женска лига

Со реми сопрен лидерот Стружанка

Заврши дебитантската прволигашка полусезона за женскиот ракометен тим на РК Филип 107. По ремито дома (23-23) со лидерот Стружанка, пласманот е во средината, на шесто место со 10 бода. Успех е со неискуството на мнозинството првотимки.

– Бевме аутсајдери, а се покажавме одлични почетници. За тимот од домашни ресурси придобивка е искуството. Видовме како играат другите, се жртвуваат за клупските бои – вели Елизабета Филипоска, тренер.

Повеќе ќе се слуша за голманките Мери Стојанова, Сара Богеска, за Сашка Филипоска, Мери Конеска и уште неколку други надежи. За напролет нема товарот да се носи без поискусните. Голманката Ангелеска, бекот Когој, пивотот Туцо, крилата Арсоска и Опурчакоска, се неопходни во повеќе улоги.

– Некогашните првотимки на Тутунски се големи ентузијасти. Не се од полза само на натпреварите, туку значајно е што ги обучуваат младите да добијат цврстина во играта – смета Филипоска.

РК Филип 107, како и другите клубови од внатрешноста, “произведуваат” ракометарки, а купувачите се знаат, од метрополата. Во клубот гледаат реално кон тој процес кој не може да се сопре.

– Нема пречки за понуда од Скопје. Таму се условите. Гордост е наша девојка да облечи дрес на Металург или за репрезентацијата – заврши Филипоска.

Клубот РК Филип 107 најавува соработка за позајмување ракометарки од суперлигашот Жито Прилеп.

Одложување

Не се одигра последниот меч на Жито Прилеп во Куманово. Причина е отсуството на репрезентативките Наумоска и Мркиќ. Селекторот не ги пуштал од подготовките за ЕП.

Машкиот РК Прилеп 2010 ја привршува полусезоната со победа на гости кај Ѓорче Петров. Билансот е 18 бода од девет кола. Последниот меч е в сабота (17 ч.) дома, со Вардар Полог.

Loading