ГОЛЕМИ ТРИ БОДА

Фудбал: Победа – Гостивар

Борбата е за второ место на табелата

Убедливиот неуспех на Победа јуниор, поразот со 3-0 на гостувањето кај Руфеја во Брвеница, од минатото коло, може да се покрие само на еден начин – триумф над силниот гостин, Гостивар. Натпреварот од последното, 15. коло на Втората фудбалска лига е в сабота (13 ч.) на стадионот “Гоце Делчев”.

Само со победа ќе им се затворат устите на критичарите, кои не признаваат слаб ден. Некогаш и при многу залагање, максимум на теренот, може да се изгуби, а токму тоа í се случи на Победа јуниор. Имаше болни и повредени, кои на крајот потклекнаа.

Не се знае составот до последен миг. Раните заздравуваат полека. Ќе го нема капитенот Мегленски. Како без креаторот на играта? Должност е на соиграчите да се покажат без него. Се враќа во тимот Митрески. Сите ветуваат офанзива и успешен епилог.

И Гостивар не е непознаница. Професионален е тимот со нашинецот Даниел Талески. Гостуваше на Корзо и изваде само 2-2, а дома со 1-0 го совлада 11 Октомври. Има 27 бода, два помалку од првата Македонија ЃП, а два повеќе од шестата Победа јуниор. Со цел плен, играчите на Златко Петрески се креваат кон второто место.

Со оглед на гостувањето на Корзо кај Баби во Штип, а на 11 Октомври кај Миравци в сабота се последните меча во 2012 и се очекува бројна посета на стадионот за поддршка на Победа јуниор.

Loading