ДУЌАНИТЕ НА АУКЦИЈА

Се продаваат деловните простории во домовите на меснитите заедници

Да се спасат од пропаѓање и да се стопанисува пазарно со нефункционалните поранешни домови на месните заедници, Општината ги продава приземјата од домот во Ѓогдере, Солидност, Варошко маало, како и старото турско училиште, кое досега беше издавано под кирија за минимална сума. Во тек е огласот за јавна електронска аукција на деловните простории, по барањата на урбаните заедници. Со продажбата нема да зјаат празни, често преполни со ѓубре домовите и да создаваат неубава слика за урбаните заедници и околината, туку ќе заличи месната заедница, едновремено ќе се соберат пари за други потреби на граѓаните.

– Секој може да учествува на електронската аукција. Ќе ги купи оној кој ќе понуди највисока цена. Парите влегуваат во буџетот на општината. Со средствата ќе градиме училишта, улици, канализации, водоводи, осветлување, нови плоштади, детски игралишта итн., пак бенефит ќе видат граѓаните. Купувачите ќе ги реконструираат и ќе отворат нови работни места, обезбедувајќи егзистенција за повеќе фамилии – вели градоначалникот Марјан Ристески.

Продажбата е транспарентна со благослов на Советот. Објавена е во печат и на веб страната на општината.

– Објектите се продаваат по почетна пазарна цена, утвредена од комисијата за проценки на вредноста на недвижниот имот. Продажбата ќе оди со јавно наддавање. Се продаваат само објектите, а не и земјиштето. Одржувањето предизвикуваше несразмерни трошоци за нефункционалност. Со отуѓувањето ќе се обезбедат средства, кои исклучиво ќе се користат за програмите, одобрени од општината и градоначалникот – вели Рубин Биноски од локалната самоуправа. 

Со продавањето нема да се загрози функционирањето на месните заедници и пензионерските домови кои се користат за потреби и собирите на граѓаните. Се продаваат простории само во приземјата, а дел од парите ќе се искористат за реконструкција на противпожарниот дом, на училиштата, на детската градинка од Тутунскиот комбинат која ќе профункционира в година.

Loading