ВКУС ШТО НЕ СЕ ЗАБОРАВА

Иназ – М

Иназ – М е специјализирана продавница за здрава храна, зрнести плодови, прашкасти производи, суво овошје, житарки и кондиторски производи. Фирмата е дистрибутер на скопското претпријатие Бако. Во специјализирани витрини, со вградени термостати за одржување на топлината и регулирање на влажноста, на естетски уредени рафтови, муштериите можат да најдат стопроцентно природни производи, потребни за здрав живот. Располагаат со широка палета артикли: бадем, лешник, фжстак, кикиритки, лупен сончоглед, кикиритки со зачини, сушен зеленчук, сушено овошје, златна боровинка, аронија, вишна, ананас, манго, папаја, ѓумбир, цитрон, сушена банана, корнфлекси и друго. За диеталците се нудат овесни снегулки, ленено семе итн, а за сладокусците има и чоколадо за готвење, разни кондиторски производи, прашкасти производи за подготовка на разни кремови и шлагови. Името на фирмата е кратенка од имињата на членовите на семејството на сопственичката Менка Шумкоска, а постои година и пол.

Барањето егзистенција ја натерало Шумкоска наученото и искуството стекнато со децении во продажбата на производите од Циклус да го искористи, па дури и местоположбата на дуќанот и навиките на прилепчани дека тука може да најдат ем киткиритки, ем грав, ем леќа, ем сé и сешто. Ја развила и надоградила идејата во бизнис, кој има перспектива и станува стил на живот на современиот човек. 

– Идејата дојде како потреба за егзистенција. Останав без работа бидејќи фирмата Циклус пропадна, останав на улица, па морав да барам чаре. Сопругот Зоран имаше бизнис, а бидејќи 15 – 20 години работев со вакви производи, сакав да ја искористам шансата, да не му препуштам на некој друг да отвори ваква продавница. На интернет ја видов фирмата Бако, со која започнав да соработувам и производите се речиси сите преку нив. Со сопствена инвестиција го уредивме дуќанот со специјални витрини и полици кои овозможуваат преку начинот на одржување да се подобрува состојбата на артиклите – објаснува сопственичката Шумкоска.

Локацијата е позната и имаат доста муштерии од претходно, а сега со зголемениот асортиман и врвниот квалитет, успеваат да го задоволат вкусот и на најпребирливите муштерии. Во последно време расте бројот на граѓаните кои внимаваат што јадат и се грижат за здравиот начин на исхрана.

– Има производи кои ги регенерираат ткивата, помагаат против неплодност, богати се со антиоксиданси, против импотенција, го подобруваат видот. На пример аронијата има богато влијание на организмот и е добар прочистувач, па затоа го користат луѓе со карцином, а може секој да го користи, и деца и возрасни. Ѓумбирот помага за циркулација на крвта. Корисен е, иако е малку лут. Циметот влијае на слабеењето, шеќерот и маснотиите. Има храна за комбинација против маснотиите во крвта итн. Бразилскиот орев е богат со селен и треба да се јаде повремено на неколку саати и тоа 3-4 парчиња дневно. Црвената леќа е подобра од обичната и може да се користи во чорби – објаснува Шумкоска.

Планираат да се прошират со уште еден дуќан во чаршијата. За секој артикл ќе подготват флаер за корисноста на производот и начинот на употребата.  

Loading