СРЕЌНИ ГРАЃАНИ СО РЕСПЕКТ НА ЗАКОНОТ

Блаже Димески – раководител на инспекторатот при локалната самоуправа

Примена на законите

Интервенции на повик од граѓаните

Каква е природата на работата, во која е потребна трпеливост и толерантност, во која понекаде се наидува и на недоразбирања, а од друга страна респект кон Законот?

Секоја планина со својата тежина. Консеквентно на тоа, секоја работна обврска носи тежина и одговорност. Инспекторатот е преокупиран во спроведување, примена и почитувањето на Законот со одговорност да не го прекрши. Паралелно сме им на дланка на граѓаните во смисла на нивни интервенции за одредени пријави.

Какви се надлежностите?

Бдееме на примената на законот за просторно и урбанистичко планирање, законот за градење, законите од областа на животната средина, законот за управување со отпад, квалитетот на амбиенталниот воздух, законот за заштита од бучава. Ги контролираме сите потенцијални  загадувачи на животната средина и ја набљудуваме регуларноста на постапката за добивање на “Б” интегрирана еколошка дозвола.

Како успевате да излезете во пресрет на сите пријави?

Мобилни сме и организирани добро. Реагираме и постапуваме ефикасно на секоја пријава. Со расположивите човечки ресурси, со овластен испектор за надзор од соодветната област, кој покрај материјалните закони, ги применуваат и Законите за општа управна постапка и Законот за инспекциски надзор. Експедитивни сме и оти граѓаните покажуваат високо чувство на разбирање и дисциплина, со мали исклучоци.

Ваша ли е контролата на такси превозот?

Тоа е обврска на овластениот инспектор за патен сообраќај. Тој ја контролира примената на Законот за превоз во патниот сообраќај на општинскиот превоз на патници, во кои се општинскиот линиски превоз, авто такси превозот на патници и посебниот линиски превоз. Паралелно, проверки се прават и со даночниот инспектор, кој врши надзор по законот за данок на имот, законот за комунални такси и законот за привремен престој. Со алокација на ингеренциите на локалните даноци и такси на општинско ниво, подобрена е наплатата во споредба со претходните години.

Инспекторите не се омилени. Неблагодарна е работната обврска. Дали сте се соочиле со несакани ситуации?

Постоиме за граѓаните и сме нивна продолжена рака за реакција, без разлика на непријатните ситуации. Во спротивно ќе бидеме во конфликт со законот или соучесници на прекршителите. Тоа носи последици и одговорност. Се пријавува сé и сешто, од хаварисани возила, истурен смет, поставени скелиња, отстапување од одобрение за градење  и слично. Доаѓаат пријави надвор од надлежноста. Граѓаните имаат разбирање на воочените пропусти. Им го трасираме патот на терен да стигнат до решавање на проблемот. Имало секакви ситуации. Но, внимателно, мирно и без наметнувања од некаква позиција на супериорност, успеваме да ги надминеме проблемите и да најдеме решенија, без сериозни реперкусии, туку со повеќестрано задоволство.

Градот, за разлика од минатото, е почист и поуреден. Какво е  влијанието на инспекторите?

Градот веќе е во Европа по чистотата и комуналниот ред. Инспекторатот не е сектор за казни и санкции со интервенциите. Често имаме едукативни предупредувачки советодавни интервенции за укажувања за кршење на законот. Граѓаните го сфатија заедничкото залагање за почист град. Мина време, но за сé има почеток и макотрпна работа. Кога е во прашање градот и граѓаните, нема штедење да се стаса до целта. Затоа нашиот град е еден од најчистите во Македонија. Горд сум што инспекторатот тука има свој придонес.

При градежните зафати, каде е ингеренцијата на Инспекторатот?

Локалната самоуправа предвидува повеќе комплетни проекти во урбанистичките планови. Потребно е да се исчисти теренот за реализација. Има времени објекти, за кои граѓаните се свесни дека мора да се отстранат за да се гради. Со непосредни контакти, со објаснување, наидуваме на разбирање.

Се применува законот за легализација на бесправните градби. Каде е тука  местото на Инспекторатот?

Се посакуваше овој закон подолго време. Евидентни се ефектите од примената. Во законски рамки и со тапија се доведоа илјадници објекти. Градежни инспектори се на увид во комисијата која на терен ја утврдува состојбата на објектот, што е предмет на легализација. Впрочем, целина, која претендира на реализација на годишната програма се комуналните претпријатија, секторите во општината со целата администрација.

Како соработувате со администрацијата и јавните претпријатија?

Коректни се односите. Соработката е базирана на разбирање со граѓаните и со комуналните претпријатија. Тука не мал е придонесот на градоначалникот, кој ги координира активностите на транспарентен начин.

Што ќе им порачате за граѓаните?

Да се јавуваат, да пријавуват комунални пробеми што им тежат и кои им претставуваат мака во секојдневното живеење. Тука сме, на располагање сме да им најдеме брзо чаре, се разбира, според законските овластувања.

 

Loading