Заради половина неисплатена плата за септември, ги запреа машините во загубарот од наменската индустрија Еурокомпозит.
Првиот синдикалец Бранко Чатлески се закани дека нема да ја продолжат работата до исплатата и на октомвриската и на половината од септемвриската плата.
– Платите се ниски и грев е да не плаќаат на време. Заработуваме во просек по 7-8 илјади денари месечно. Немаме сини картони. Менаџерскиот тим не може да обезбеди континуирана работа. Апелираме до Владата, да помогне во обезбедувањето ангажмани за министертвата за одбрана и за внатрешни работи – рече Чатлески.
Тој побара социјален пакет за над стотина работници, кои се при крајот на работниот век, додека просечната старост на вработените поминува 55 години.
Според Чатлески еден од изворите на проблемите е и нерешениот статус, со неостварената, а најавена приватизација.
– Одамна беше најавена продажба, но агонијата продолжува со ангажирање на 30-40 отсто од капацитетите. Помина времето, а министерството за економија нема објавено тендер за Еурокомпозит – рече Чатлески.
Според стручнаците, со редуцирање на вработените, Еурокомпозит може да е профитабилен.
Директорот Никола Лучески ќе бара во Владата конверзија на долговите од 60 милиони денари.
– Имаме финансиски проблеми, но е подобро од затекнатото пред четири години. Државата двапати ги прости обврските. До крајот на овој месец ќе се распише тендер за продажба – вели Лучески.
Во воената фабрика се вработени 390 работници.