Одбојка
Одбојката полека се враќа на сцена. Меѓу неколку школи една води некогашната легенда, Глигурче Локвенец. Ги тренира пионерките на ЖОК 11 Октомври. По повеќегодишната обука, следат натпревари во лигата на ОФМ. Системот е турнирски, по два меча неделно, со старт задутре во Скопје.
– Учеството и прогресот се побитни од резултатите за селектираните 18-20 девојчиња. Стратегијата е чекор по чекор до сениорска екипа – вели Локвенец.
Силите се одмеруваат со врснички од 11 ривали. Девојчињата се високи, талентирани. Добро ги совладаа основните елементи на оваа убава игра. Блок, прием, сервис, смеч, се изучија во старата сала КГС Партизан, со нови, професионални топки.
– Девојчиња седмоодделенки силно смечуваат од далечина четири метра. За оваа возраст се одлични – смета Локвенец.
ЖОК 11 Октомври бара градска поддршка за подобрување на условите. Особено поголема сала, каде може да биде домаќин на еден турнир од Лигата.