ПЕПЕРУГА, А НЕ ЛЕПТИР

             Не функционира плинското решо. Чади. Ги црнее тенџерињата. Чаре? Да се праша продавачот. Тој љубезно објаснува. Зема едно ново решо, го завртува од долната страна и кажува дека тука имало два ЛЕПТИРА и со нив се регулира протокот на плинот и на воздухот. И навистина. Постојат две регулаторчиња кои личат на крилца од пеперуга.

            Во некоја друга пригода масата почна да се клати. Прашавме столар. Ни објасни. Од долната страна, каде што се спојуваат ногарите, постојат ШРАФОВИ – ЛЕПТИРИ. Лесно се стегаат, само треба да се внимава при стегањето да не им се скршат крилцата. Кревки се.

            Засега толку за овие механички ЛЕПТИРИ (ПЕПЕРУГИ).

            Се потсетивме на едно многу, многу одамнешно време, за Кралството Југославија. Ние, лично, не го паметиме тоа време. Знаеме за некои настани и состојби од прекажувања на постарите. Тогаш Македонија беше Вардарска Бановина. Службен јазик беше српскиот. Децата се школуваа на српски јазик. Постарите браќа и сестри кои оделе на училиште во тоа време раскажуваа многу приказни и песнички што ги учеле, но не ги разбирале. Нам, на децата, ни ги раскажуваа и ни ги пееја онака како што ги запаметиле и со значење на зборовите какво што им го дале тие. А тие значења, во најголем број немаа врска со вистинското значење. Се присетивме на ПЕПЕРУТКАТА. ПЕПЕРУГА на српски гласи ЛЕПТИР. ПЕПЕРУТКА или ПЕПЕРУЖЕ е ЛЕПТИРЧИЌ. Учеле нашите браќа и сестри една таква песничка. Ќе го приведеме само првиот стих: ЛЕПТИРЧИЌУ, ШАРЕНЧИЌУ (пеперуже шаренко). Јасно е дека звучноста на српското Ќ е поголема и тоа повеќе се восприма како Ч – ЛЕПТИРЧИЧУ, ШАРЕНЧИЧУ. Ритамот на песничката е таков што двата збора се изговараат како четири: ЛЕПТИР – ЧИЧУ, ШАРЕН – ЧИЧУ. Нормално, двата збора и ЛЕПТИРЧИЧ и ШАРЕНЧИЧ не им биле познати на тие дечиња. Тие ни го пренесуваа, по повеќе години, нам на помалите, а и ние немавме поим што значи тоа. А пеевме, гласно пеевме. И овде се јавува една нелогичност. Тој втор збор (ЧИЧУ) што се формираше при изговорот не потсетуваше на еден наш збор – ЧИЧО (чичко). Ние мислевме дека тоа е вистинското значење и така пеевме – ЛЕПТИР ЧИЧО, ШАРЕН ЧИЧО. Всушност така и ни ја кажуваа песничката.

            Просторов не дозволува да ја “обработуваме” сета песничка, затоа го зедовме само првиот стих, колку да го потцртаме апсурдот. А вакви песнички имаше многу. Нашите деца, до скоро, (пред да се појават компјутерите) играјќи си, пееја вакви песнички, а пренесувани со генерации, без да им го знаат значењето на зборовите што ги изговараат. Ајде, само уште еден пример. Пееја нашите дечиња: “Иде мајка ШКОЛОМ ДВОРОМ, тражи свога сина”. Да не е трагично, навистина е смешно. На хрватски, железничка станица се вика КОЛОДВОР. Таму одела мајката да си го бара синот. А, ете, нашите дечиња – Иде мајка ШКОЛОМ ДВОРОМ.

            Ова се остатоци од некое друго време. Тогаш децата морале да учат на друг јазик. А сега?! Кој нé принудува сега да употребуваме зборови кои не се наши, зборови кои ги имаме ние во својот јазик.

            На плинското решо, на долната страна, навистина постојат две метални предметчиња што личат на крилца од пеперуга. Или едноставно, личат на КРИЛЦА. Можеби ќе биде изнасилено, и ќе биде буквален превод на српското ЛЕПТИР, ако ги викаме овие предмети, на македонски ПЕПЕРУГИ. Но, доста е да се рече дека тоа се КРИЛЦА.

            На ногарите од масата навистина постојат шрафови со крилца. Но, столарот вели дека тоа биле ШРАФОВИ – ЛЕПТИРИ. А за ЛЕПТИРИ сме слушале дека ги има во многу машини, во многу технички апаратури.

            Имаме проблем и со ВРСКАТА (вратоврската, машната, краватата) онаа што личи на ПЕПЕРУГА, а Србите ја викаат ЛЕПТИР МАШНА. И нашиве луѓе ја викаат – ЛЕПТИР МАШНА. Никој не води сметка дали е тоа правилно или не е.

            Сме сретнале во текст на Блаже Конески каде тој ја вика ПАПИЛОТКА. Во Речникот на Зозе Мургоски е одбележана како ПАПИЈОНКА. Латинското име на пеперуга е ПАПИЛИО. Оттука доаѓа и зборот ПАПИЛОТКА, а според францускиот изговор – ПАПИЈОНКА. Тенденцијата, да биде зборот пократок, некако, како да ја елиминира употребата на буквалниот превод ПЕПЕРУТКА ВРСКА, наместо ЛЕПТИР МАШНА. Затоа, ПАПИЛОТКА или ПАПИЈОНКА можат слободно да го исполнат тоа место. Со такво значење сме ја сретнале и именката ПЕПЕРУШКА. Можеби е најдобро решение, но најмалку е употребувано.

            Не се грижиме за чистотата на јазикот. Сега никој не не принудува да зборуваме на туѓ јазик. Никој нé не тера да велиме – МОЛИМ, наместо МОЛАМ. Никој нé не тера да велиме УПАЛЈАЧ, наместо СЕКАЛО или ЗАПАЛКА. Никој нé не присилува да велиме КИЧМА (рбет). ПОДВОЖЊАК (подвозник), СПРАТ (кат), НОВЧАНИК (ќесе, чанте), УТАКМИЦА (натпревар), ПОРЕМЕТЕН (нарушен), ОПОРАВЕН (закрепнат, заздравен) и многу, многу, безброј србизми. Никој нé не тера, но слушајте ги медиумите.

            Никој нé не тера да пишуваме латиница, но погледнете ја чаршијата.

Благоја Ивчески

Loading