НОВА АВТОБУСКА СТАНИЦА ВО МАРТ

Фирмата Пелагонија Бус од Скопје ќе гради автобуска на местото од противпожарниот дом, што ќе се пресели во старата зграда СОУ “Ристе Ристески –  Ричко”, а што ќе се реконструира

Со панели и челична конструкција планирано е на 500 м2 да се крене новата автобуска станица до март идната година на местото на противпожарниот дом, што ќе се урива. Ова го најави сопственичката на скопската фирма Пелагонија Бус, Сања Шестакова, која имаше најдобра понуда за купување на плацот од 5300 м2, а кој Општината го продаде на електронска аукција за над 900 денари од м2.

Фирмата е искусна, оти стопанисува со автобуските во Берово, Штип и Велес.

Со тоа се отвора процесот на заокружувањето на транспортниот центар и преселбата на старата автобуска на новата локација кај железничката станица. На локацијата треба да се изгради бензинска пумпа и придружни деловни објекти, за банки, продавници и угостителски и сместувачки дејности.            

На потпишувањето на договорите Шестакова изјави дека брзо ќе се стартува со градбата.

– Станицата ќе биде на 500 м2 со сите неопходни објекти и простор за современи автобуски станици. Ќе тежнееме да ја категоризираме во прва класа со работно време од 24 часа. Ќе има билетарница, чекална, тобако, а дел од просторот ќе се издава. Ќе биде цврста градба, челична конструкција и панели како современите објекти на станици и аеродроми – вели Шестакова.

Според градоначалникот Марјан Ристески, изградбата на нова современа автобуска станица се заговараше со децении, зашто сегашната во центарот не задоволува никакви услови.

– Во близина е железничката станица. Преку ЕУ и Владата заедно се обезбедени средства за уредување на целиот простор што ќе ја зафаќа железничката станица – тротоарите, зелените површини, осветлувањето, сообраќајно уредување со кружни текови  – рече Ристески.

Единицата за противпожарна заштита ќе се пресели во старите простории на СОУ “Ристе Ристески – Ричко”, кои ќе се адаптираат.  

Локалните власти продадоа уште една парцела за колективен станбен објект во касарната, по првата. И овојпат купувач беше Теракота Инженеринг, која ќе гради 12 катница до приземје и мезанин, како и мини мол и стаклена панорама на покривот.

Општината потпиша и договори за индивидуална градба на куќи во населбата Градина, во продолжение на типската населба. Се очекува новата населба  со современи архитектонски решенија да прерасне во атрактивна локација за домување за младите брачни парови.

Продадена е и парцела наменета за комерцијално деловен објект во старата чаршија.                                                                                                        

Loading