Атанас Димов има само девет години и е најмал ученик во петто одделение при ОУ “Кочо Рацин”. Возраста не го спречува да слика, а дарбата да му биде наградена.
Дека талентот за уметност клокоти во неговите жили открил во градинката. Оттаму му е и првото признание. Во основно, афинитетот за сликање го воочила професорката Марта Макеска и го вклучила во сликарската секција.
Го освоил првото место меѓу повозрасни учесници на конкурсот за најдобра слика од друштвото за одгледување на птици “Трагопан”.
– Бев изненаден од првото место, затоа што сите учесници беа повозрасни и со повеќе искуство. Мотив за сликата ми беше моето домашно папагалче. Му ги сменив боите на пердувите и го насликав со акрил на платно. Таа техника ми лежи, оти, за разлика од темперните бои, подобро се доловува идејата на платното. За една слика ми се потребни еден до два часа. Првин ја сликам заднината, па чекам да се исуши, и после ја сликам главната тема. И тоа само со основните бои. Цртам и графики и бојам со креди на лист, ама “летам” со акрилот – вели малиот Атанас, кој инспирација црпи од околината.
Досега насликал 10 слики. Негува надеж дека делата ќе ги сподели со јавоста на изложба.
Петтоодделенецот пробал да биде и спортист. Облекол кимоно за карате и џудо, но вистинскиот “повик” го открил во кик – боксот. Лете е мераклија на пливањето. Сонувал да стане специјалец во полиција, но со препознавањето на талентот за цртање, одликашот Атанас сака да стане уметник.