Теодора Неделкоска од втора година во СОУ “Ѓорче Петров” учи за медицинска сестра. Ама уште додека била во основно ја меркала акустичната гитара од татко í, која собирала прашина, зашто никој не знаел да свири на неа. Ја променила наследничката традиција, па од седмо одделение приватно стекнувала знаења кај Рубин Димески од групата Теди и Рубин. Првин било тешко да ги фати сите акорди со прстите, но со вежби за растегнување на прстите, ја преминала препреката.
– Со “запознавањето” со гитарата, следеа вежби за умешност со прстите. Ја совладував музичката скала со тренинзни и техника. Веќе свирам песни. Учителот ме бодри со зборовите дека сум најнадарена ученичка од оние кои ги подучувал – рече идната докторка.
На “репертоарот” најчесто í се изведбите на рок бендовите Гунс & Россес и АЦ/ДЦ, а омилени гитаристи í се Слесх и Ангус Јанг. Вежба по еден час неделно. Не í е пречка за успешно следење на наставата. Се токми за медицинскиот факултет, а гитарата секогаш ќе биде крај неа, како хоби. Акустичната гитара не е баш за поп и рок, па сонува електронска, со засилувач и педала за дисторзија.
– Пробав со Рубин да свирам на електрична гитара. Чувството е сосема различно. Како да бев “профи” гитарист на сцена. Успешно држев ритам – вели младата гитаристка, која ги “нервира” комшиите со постојаното вежбање дома. Домашните не í замеруваат. “Отрпнале” на звуците, кои од ден на ден стануваат се помелодични.