Под секирите и пилите паднаа педесетина стебла канадски тополи на ливадата крај Вештачкото езеро, која беше традиционално место за излети во викенди и празници. Пред неколку години просторот се уреди со клупи за минување на пријатни моменти. По реакцијата на планинарите на Картуш, за, како што велат тие, масакрот на тополите, дознаваме дека сечата била легална, со амин на стручнаците.
Надлежните објаснуваат дека дрвјата биле стари и паѓале цели гранки, па и стебла при ветрови и бури. Тие претставувале опасност за минувачите, мека за дрвокрадците, а мака за шумочуварите. Затоа побарале, сопственикот да ги исече. А газда на дрвјата бил манастирот Трескавец. По обезбедувањето на документацијата, сопственикот ги кутнал старите стебла од вакавскиот имот и ги пренесол некаде. Исчезна зеленилото покрај водата, но и ризикот по безбедноста на летните викендаши.
Сега ќутуците “бодат очи”. Просторот остана гол, без сенка лете. Пејсажот да не зјае пуст, а кој до скоро беше како уметничка слика, треба да се пошуми. Кој треба да насади садници? Дали сопственикот или некој друг? Можеби планинарите ќе ги засучат ракавите, како пред две години.
Времето после Митровден, е мевлем за расадување. Старите велат дека до Поклади, сé што ќе се брцне в земја, сé се фаќа.