Вечерва изложба на Васил Костов

,,Карпестите приказни,, е тематската изложба на 15 дела од Васил Костов – Карга која ќе биде отворена вечерва од 19 часот во галеријата на ЦК “Марко Цепенков”. Авторот ја пренесува инспирацијата од каменот, природата, објектите, пределот…
– Васил Костов со истанченост на мајстор во занаетот во ,,Карпестите приказни,, или Дедостен, Крик, Кај врбите, Предел, Стени и врвови… е редок проценувач на немирните убавини и реткости во македонскиот предел. Со филигранска прецизност, со чистина во зафатите и кадрите, до перфекција, со минциозна прецизност во пренесувањето на деталите е силен и суптилен дух кој не води во вечноста на убавината – вели Панде Ристеска.
Васил, кој се изразува речиси на сите ликовни полиња – масло на платно, акварел, гваш, молив, туш, графика и комбинирана техника – потенцира дека сака да ги овековечува пределите коишто поминуваат низ времето на нивното живеење.
– Секоја карпа, секој камен, дрво, ме поттикнува да ги создадам сликите. Сакам да ги зачувам пренесувајќи ги онака како што јас ги гледам со моите очи – додава сликарот.
Костов имал дваесетина самостојни изложби, повеќе од стотина групни, а бил учесник на повеќе ликовни колонии.
![]()

