Ракомет: Драматична Прва лига
Бозароски погоди 12 пати
Разгорена битката во Првата ракометна лига за мажи. На дербито во “Сонце” одлучуваше последната секунда. РК Прилеп го собори лидерот Радовиш со 28-27, наспроти водството на гостите од 15-20 и 25-27. Бодрена од 500 навивачи, екипата на Орде Илиески приреди пресврт и три бода.
При 27-27, на една секунда до крајот во обид за шут од шестерец беше фаулирано домашното лево крило Јанески и судиите од Битола, Митревски и Тодоровски оправдано покажаа седмерец. Сигурен реализатор беше најефикасниот со 12 гола, Бозароски, за 28-27.
Со 15 бода РК Прилеп е петти, а во наредното коло гостува кај претпоследниот Ѓорче Петров.
Во Првата женска лига Филип 107 загуби од Борец во Велес со 30-26 (19-11). Мечот е решен во првото полувреме. Резултатот е очекуван според фаворитската улога на Велешанките, кои се втори на табелата. Филип 107 од седмото место ќе го напаѓа лидерот, Стружанка в сабота (18 ч.) во “Сонце”. Стружанките се најсилни, без пораз и може да се очекува возбудлива борба.
Ж. Прилеп во Куманово
Женскиот тим на Жито Прилеп се врати со пораз 31-17 (16-9) од Париз и се прости од европскиот КПК во третото коло. Следи пауза во суперлигашкото првенство, поради настапите на репрезентацијата. Во националниот состав е голманката Дијана Наумоска. На 28 ноември е последниот првенствен меч, на гости во Куманово.