Браќата Перо и Блаже Николоски го одржуваат занаетот на татко им
За “три – четврти” јорган треба 4 килограми памук, а за дупли – пет.
Гаранција 30 – 40 години
Од бројните стари занаети кои заминаа во историјата, и кои уште се прераскажуваат како сведоштва за едно минато време кога прилепската стара чаршија ечела и пукотела од занаетчии, сеуште браќата Перо и Блаже Николоски грижливо го негуваат јорганџиството. Како единствени мајстори за изработка на јоргани, тие сега го сведиле занаетот на хоби. Затоа што имаат друг професионален ангажман, а слободното време го минуваат другарувајќи со иглата и дупејќи во памукот и свилата. Велат, ако не заврне, ќе капне, па во ова време добредојден е секој денар плус.
Прстите небаре решето
Шиењето јоргани го научиле од татко им Димитрија, не дека сакале, туку оти морале. Ќотек кркале да ја совладаат најпрвин вештината на влачење, па дрндање, а потоа и да потшиваат јоргани. Иако времето се смени и модерниот начин на живот ги “носи” лесните, синтетички прекривки, особено во зимски период, старите јоргани од памук се незаменливи оти топлат. Браќата Николоски велат дека имало и такви кои наместо јоги, уште употребуваат постели од памук за лежење, а некои и на јогите постилале тенки јоргани.
– Занаетот го научив од татко ми од 11 години. Марифетот за шиење јоргани се учи полека. Прво ти даваат вода да носиш и да метиш. После почнувавме да го влачиме памукот рачно. зашто немаше машина. Игла се фаќа сефте при шиење перници, јорганот е последен додека научиш саглам поситно да шиеш. Најтежок за работа е јорганот, кој се прави 10 – 12 часа. Потребно е со игла да поминеш низ свилата – постава и памукот околу 100 метри конец, од мечка – макара. Сé се работи рачно. Занаетот го работам 50 години. После и брат ми работеше во дуќанот првин кај Бањата, а после в чаршија кај Тиквеш. Во долниот дел шиевме, а на горниот влачевме памук – се сеќава 63 годишниот јорганџија Перо Николоски, кој е на залезот од работниот век како возач во Црн Бор.
Распослан во салонската просторија, иглата во рацете на Перо лета низ светликава сатенска површина додека ги прави “гравурите” како локумчиња на јорганот. Под силата на конецот, се сплескува дебелината на памукот и се оформува јорганот. Седнат на земја, тера со иглата, поглед не одлепувајќи од рачниот мозаик кој со љубов го создава.
– Со мака се учи занаетот, оти со игла се работи. Се дупев на прстите, се правеа “ренде”, додека се научив. Треба иглата одозгора па додолу да слези, па да се преврти. Татко ми, иако ни беше татко, со стапче не тепаше да научиме правилно. За јорган треба да се зема – лице, свила од секогаш се ставало, опачина памучна природно платно и памук што на времето се садеше. Сега памукот се преработува на машина од стари перници и излегува како нов. Не е потребна дезинфекција. Татко ми работеше и со волна, и немало алергии, а сега најмногу алергии има од постелниниве од неприродни материјали. За “три – четврти” јорган треба 4 килограми памук, а за дупли јорган – пет кила памук. Три метра лице за дупли јорган и исто толку опачина, 2,70 за “три – четврти”. Нов памук тешко се наоѓа, на пријателите им нарачуваме од Турција – објаснува Перо.
Јоргани и постели за затворот и болницата
Ни помалку “вешт” не е и брат му Блаже. Тој памети дека низ рацете му минале јорганите и постелите за болницата, за потребите за затворот.
– Имаше работа, додека се отвори Солидност. После падна, оти се поефтини стоката. Сум правел јоргани за Австралија, Америка, Германија и Италија. Тежок занает е. Рачно шиениот јорган нема шанси да се отпара, а машинскиот се кини само да го тргниш. Првин влачевме рачно на дрндач како гитара, а после купивме машината од Скопје. Еден јорган го влачевме саат време, а со машината за 15 минути. Разликата е во тоа што памукот не се кине при рачното влачење. Пола гаража се полни од волуменот на памукот. Јорганот има гаранција 30 – 40 години. Смеа имаше кога го носевме јорганот на рамо. Татко ни нé потсетуваше да речеме – машки деца да им се раѓаат. За радост се правеа јоргани. За чеиз по три јоргани. За женското два јоргани 3/4, а за машкото еден дупли. Ни даваа и бакшиш, оти на рамо ги носевме до дома кај муштериите. Некогаш по два – три дена го правевме, оти потребно е 10 – 12 часа. Здодевно е, оти работата е со седење. Правевме постели за болницата и за затворот порано. Ги обложувавме со нови платна над памукот. Крајот секогаш се шие рачно, зашто машина не може – вели Блаже Николоски.
Памукот не сака ни перење, ни чепкање
Објаснуваат браќата јорганџии оти прво треба да се влачи памукот, се составуваат лицето со опачината, се затвора делот каде се става памукот, се чука јорганот и почнува да се шие. Памукот го чукаат со стапче за да се разреди.
– Постели правев и порано и сега. Најчесто муштерии се градски луѓе со стари душеци. Сега ставиле јога и бараат потенки да не се лежи директно на неа. За постела се потребни 8 кила. Перниците се полесни за работа. На јорганот што го правам сега, памукот е од пред 50 години. Нови се “лицето” и “опачината”. Да се купи е 3000 денари, а в чаршија има и за 500 денари – вели Перо Николоски.
За перниците е потребен најчист памук.
– Памукот не се пере. Ако некој бил воден, парчето се фрла, оти иглата не оди. Ако се чепкал памукот, се прават грутки и не го бива – велат браќата Николоски.
Признаваат дека работата се намалува. Со радост се сеќаваат кога се работело на миндер од половина метар да не се врти, туку јорганот да се преместува. Дури и се тркале кој побрзо ќе сошие јорган.
Занаетот замира со нив, оти немаат наследници. Ниту синовите, ниту ќерките не сакале да го продолжат јорганџиството, оти е мачно.