Награден есеј
Често седејќи и размислувајќи доаѓав до заклучок дека од ден на ден станувам повозрасна, постара личност. Понекогаш ме заплашуваше помислата дека ќе бидам една осамена баба во иднина. Се чувствував исплашено и загрижено, но една белоруска народна приказна ми го смени мислењето. Ја откри длабоко скриената вистина.
Во минатото Белорусите ги носеле старите родители во шумата да ги изедат ѕверовите. Еден младич, неможејќи да направи такво злодело, го сокрил татко си во домот и тајно се грижел за него. Годините минувале, животот на младичот го следел својот тек, но во селото се случила несреќа. Градот ги уништил посевите, па младичот, не знаејќи како да се справи со несреќата, побарал помош од стариот татко. Тој мудро го советувал и им помогнал на луѓето да се спасат од неизбежната глад. Селаните кога разбрале дека еден стар и физички неспособен човек им помогнал и ги спасил од гладта, сфатиле дека постарите се помудри, па од тогаш се грижеле и ги почитувале.
Приказната е во суштина одговорот кој, како старееме, се обидуваме да го пронајдеме. Старите стравуваат од бесцелноста на нивното постоење. Живеат, ги користат материјалите за кои што другите напорно работеле, а не придонесуват за општеството, па се запрашуваат “Зошто е кул да си стар?”. Но мислејќи на таков начин тие грешат. Стекнатото животно искуство со староста не може да се замени со ништо на светот. Тоа е клучот до мудроста, потребна на човекот, во стремежот за совршенство. Староста ја носи мудроста, а мудроста совршенството кое секој човек потајно го посакува. Затоа постои една поговорка “Ниту еден мудар човек никогаш не посакал да биде помлад”. Секој човек кој би поверувал на поговорката сфатил дека не е потребно да си млад и физички способен да бидеш еден мудар човек корисен за општеството. Живот – тоа не се оние денови кои поминале, туку деновите кои нé направиле помудри, односно единствени и поснаодливи. Бидејќи, како старееш, од ден на ден имаш нови пречки кои треба да ги поминеш за да стигнеш до целта. Тие челичат, полека одземајќи ја младоста. И кога за миг ќе се погледне околу, се разбира дека си остарел. Но ти си горд човек, бидејќи сфаќаш дека посакуваната цел е токму пред очите. И сé би било совршено кога секој човек го знае ова, но како доаѓаат новите генерации, оваа вистина се прикрива подлабоко, па се создава дупка, расцеп кој прави поделба на луѓето на млади и стари. Младите ги следат своите интереси, живеејќи во стил на кој што во минатото живееле постарите. Ги повторуваат еднаш направените грешки од нивните претци. А се премногу горди да дозволат постарите, кои според нив живееле поинаков живот да им помогнат, да ги подучат. Старите се обидуваат на секој начин да допрат до младото срце, но на патот наидуваат на тешкотии. А тие, физички истоштени се откажуваат од борбата, па им се предаваат на стравот дека ќе бидат осамени, заборавени, напуштени. Стравот кој ги онеспособува и ќе ја создава таа грешна замисла дека се некорисни за другите и општеството. Тие живеат со нивниот страв, а наспроти нив младите живат со својата гордост и неостварени идеали. Сепак, секој посакува да помогне да се подобри животот и општеството да се развие. Но дали е тоа можно, доколку постои тој расцеп? Дали е можно поделените луѓе да создатат општество? Затоа треба да изградиме мост за поврзување на двете страни. Мост на комуникација, доверба и разбирање, мост на поддршка и помош.
Младите нека продолжат по потрага на своите замисли, но и да им дозволат на постарите да им помогнат на тој тежок пат. Да им дозволат да ги поучат и својата мудрост да им ја предадат, па таа како традиција да се наследува од колено на колено. Затоа рекле “Од стариот човек земи ја мудроста на животот”. Доколку ја имаш, си успешен човек, но за возврат помогнете им да го надминат стравот. Помогнете им да се сеќаваат на убавите минати моменти, бидејќи гледајќи како вие живеете со полн здив, надоградувајќи се повеќе и повеќе, тие веќе нема да се плашат дека ќе бидат заборавени. Ќе бидат сигурни дека почнатата градба, ќе ја продолжат нивните наследници, за нивните дела да останат запаметени. Стравот дека ќе бидат осамени и напуштени ќе биде само приказна, слична на оние што ни ги кажуваат кога сме мали за да нé исплашат.
Теодора Јагуриноска, СОУ “Мирче Ацев”