Остра полемика. Повеќемина учесници. Едни мислат вака, други така. Станува збор за изразот – ЖИВОТНИ НАМИРНИЦИ. Дали е наш тој израз, дали е наш зборот НАМИРНИЦИ? За едни, не е наш, туку е позајмен од српскиот јазик. Кај нас требало да гласи ПРОДУКТИ, АРТИКЛИ (прехранбени артикли или продукти). Некои имаа поинакво мислење, дека архаичниот збор – ЗАИРЕ (зајре) е најдоброто решение.
Некако, не можеме да се вклопиме во препирката. Некои го бараат и нашето мислење, но се држиме резервирано. Не може тоа така, набрзина да се пресече.
Полемиката потсетува некако дека за израз, ЖИВОТНИ НАМИРНИЦИ. пишуваше во “Јазичното катче” во “Нова Македонија” покојниот Благоја Корубин. Го најовме написот да се послужиме со неговиот коментар, да дојдеме до некое толкување.
Сме прочитале и критика дека Благоја Корубин упортно настојувал да дава предимство на зборови од неговиот роден град (Прилеп). Никогаш не сме се согласувале со тоа, а еве, сега, и конкретен доказ.
Во неговото “Јазично катче” Корубин го објаснува изразот ЖИВОТНИ НАМИРНИЦИ. Во неговиот град (Прилеп) зборот НАМИРНИЦИ немал некоја цврста основа или уште поточно и воопшто не се употребувал. Но тоа не е причина Корубин да го отфрли овој збор. Тој бара и наоѓа основа врз која може да биде изграден зборот НАМИРНИЦИ. Факт е дека тој е навлезен кај нас од српскиот јазик. Лично, сме голем противник на позајмување на туѓи зборови, ако имаме наши или ако можеме да создадеме наши зборови. Корубин оди токму по овој пат. Тој наоѓа корен во некои од македонските говори. Тој наоѓа дека во охридскиот и струшкиот (не прилепскиот) говор постои глагол НАМИРИ. Цитира конкретна реплика од пиесата “Антица” од Ристо Крле, кој е роден стружанец. Репликата гласи: “Па што била куќа НАМИРЕНА”… Живо си спомнуваме на репликата, бидејќи сме учествувале во повеќе изведби на “Антица”. Што се сака да се каже со репликата “Па што била куќа НАМИРЕНА”? Значи, дека во куќата има се што е потребно и сите предмети (НАМИРНИЦИ) се подредени како што треба. Народски кажано, многу убаво суредено. Сите потребности на свое место.
Ете тука, во тој глагол НАМИРИ, Корубин ја наоѓа основата за зборот НАМИРНИЦИ. Веќе се добива и придавка – куќа НАМИРЕНА.
Со ова не би требало да се каже дека изразите животни ПРОДУКТИ, животни АРТИКЛИ, прехранбени ПРОДУКТИ, треба да се отфрлат. Целта беше да се објасни, да се докаже, дека зборот НАМИРНИЦИ има основа во нашиот јазик. Тој не е позајмен, како многу други зборови, туку – така, без некаква основа. Во нашиот литературен јазик денеска сосема често и би рекле сосема нормално, се употребуваат глаголите НАМИРИ и ПОДМИРИ. Овие глаголи, со ова значење се одбележани и во Речникот (тритомниот). А, ете, именката НАМИРНИЦИ не е одбележана. Зошто? Корубин смета дека причината за тоа е токму ова колебање во јазичната практика. Но, со тоа воопшто не треба да се разбере дека зборот НАМИРНИЦИ треба да се исфрли од употреба или пак да се мисли дека ние сме го “купиле” без никаква потреба и без никаква основа.
Корубин објаснува дека и формата на тој збор не е неприфатлива за нашиот јазик. Не му е туѓа. Тој вели дека начинот на кој е изведен зборот НАМИРНИЦИ со наставката (н) ИЦА е застапен и кај нас, а основа е, во случајов, глаголот НАМИРИ. И навистина, такви именки со такви наставки во нашиот јазик има многу: РАЗГЛЕДА – РАЗГЛЕДНИЦА, НАЛЕПИ – НАЛЕПНИЦА па и НАМИРИ – НАМИРНИЦА.
Се обидовме некако да ја објасниме, а и себе си да си објасниме, за употребата и оправданоста на зборот НАМИРНИЦА (намирници). Како што вели Корубин – “Зошто да бегаме од овој навистина добар израз – ЖИВОТНИ НАМИРНИЦИ”?
Се обидовме и да го “одбраниме” Благоја Корубин од нападите дека предност им давал на зборовите од неговиот роден град. Меѓу другото, прилепскиот говор се вбројува во централните говори врз чија основа е кодифициран македонскиот литературен јазик. А и покрај тој факт, Корубин копа по лексиката од сите македонски говори.
Македонија подолго време ќе нема таков познавач (и теориски и практично) на македонскиот јазик, како што беше Благоја Корубин.
Огромна е неговата заслуга.
Благоја Ивчески