ЗАРОБЕНИК ВО КАРАТЕТО Е ВАСИЛЕСКИ

Константин Василески е седмо одделение во ОУ “Кочо Рацин”. За четири години тренирање карате, стигнал од најнискиот – “бел” појас, до вториот најдобар – “кафеав”. Го сака спортот, па се пробал во повеќе клубови, од фудбалски, кошаркарски, ама најмногу му лежи каратето. Се “залепил” за него и не се дели и “дење и ноќе”.

– Првин во КК Лукас вежбавме кати. Тоа не беше многу интересно, но го давав максимумот. Тренирав да се докажам, а кога ќе помислев да се откажам, силната волја ме тераше да продолжам. Тренерот Ахил Јаков ме пофали како најдобар пред помлади и постари каратисти во целата сала. Ми затрепери срцето и си реков дека овде е моето место да покажам што можам, ако се трудам – вели Константин, кој не ги запоставува училишните обрски, покрај карате ангажманите.

Успесите го тераат да се вложува уште повеќе со напорни тренинзи и многу одрекувања во откривањето на тајните на источниот спорт, не штедејќи енергија, туку давајќи сé од себе. Во одрекувањето од предизвиците на времето, му помага безрезервната поддршка од татко му. Бил на многу државни, балкански и интернационални првенства. На балканските, најтешките, се собираат само најдобрите, затоа му е врежана борбата со Романец, лани, кога со вешт удар го ничкосал на душек. Иако судиите на крајот му досудиле победа на противникот на поени, за Константин тоа било победа за него. Каде и да оди, и дали се натпреварува во кати или борби, секогаш освојува прво или второ место. Тоа се должи на посветеноста кон спортот и неуморното вежбање не само во клубот,туку и дома. Дури и слободното време го минува со стомачни вежби и склекови.

Со досегашните успеси, сака да продолжи во спортската гимназија.

Loading