“Нелегални и присилни миграции во земјите од Западен Балкан – студија на случај – Република Македонија” е книгата од д-р Зоран Б. Јовески, што деновиве ја објави ДНУ.
Авторот дава исклучителен приказ на облиците на нелегална и присилна миграција како дел од поширокиот спектар на неконвенционални закани по мирот и стабилноста на земјите од Западен Балкан, кои не признаваат ограничувања, транснационални сé, и функционираат без почитување на државните граници.
– Мотивот е содржан во напорите за давање придонес кон развојот на современото демократско општество, преку почитување на човековите права и слободи, како прв и основен приоритет на современата македонска држава. Проблематиката е актуелна, сложена и многу чувствителна. Поврзана е со нелегалните и присилни миграции и влијанието врз мирот и стабилноста на земјите од овој регион. Темата добива сѐ повеќе важност, поради нелегалните и присилни миграции, кои претставуваат предизвик за националната, и за регионалната безбедност. Тоа е тема од прв ред и приоритет, во контекст на зачувувањето, подобрувањето и унапредувањето на мирот и стабилноста на овие земји. Книгата е реална и објективна слика,а во еден дел на научната студија се презентираат облиците на нелегална и присилна миграција кои денес се присутни, и кои сериозно му се закануваат на мирот и стабилноста на Македонија – вели Јовески.
Авторот е доктор на мултидисциплинарни науки на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” од Скопје. Коавтор е на други два труда, автор на неколку есеи и на неколку научни труда со слична тематика. Финансиски раководител е на Здравствениот дом.