ВО ЕВРОПА СО ШТЕДЕЊЕ ЕНЕРГИЈА ВО ЛОКАЛНИТЕ ИНСТИТУЦИИ

“Затегање на ременот” кај системите за греење, изолациите, фасадите, прозорците и потрошувачката на струја за осветлување

Во детските градинки може да се заштеди 79 отсто од енергијата, во Домот за стари лица околу 75 проценти

За рационализација на потрошувачката на електричната енергија и давачките, потребни се годишни вложувања од по околу 680 илајди евра и “енергетска свест” кај граѓаните

Советниците на градскиот совет дадоа виза на тригодишната програма за енергетска ефикасност на јавните институции, вклучувајќи го градското осветлување. Според проекциите на стручнаците, со дополнителни вложувања од околу два милиони евра, јавните институции годишно можат да штедат по околу 450 илјади евра или вложувањата ќе се вратат за пет години.

Станува збор за програма, изработена од стручнаци по европски терк, а која е и обврска со Закон. Паралелно се евидентираат бенефитите од заштита од загадувањата на воздухот. Со намалувањето на потрошувачката на електрична енергија и на течни горива за загревање се влијае на намалувањето на емисијата на штетни гасови во атмосферата и се обезбедува поздрава животна средина.

Програмата предвидува интервенции во основните и средните училишта, градинките, библиотеката и старскиот дом, не само кај системите за греење, туку и кај изолациите, фасадите, прозорците и потрошувачката на струја за осветлување. Стручнаците констатирале слаба енергетска ефикасност во СОУ “Орде Чопела и во “Ѓорче Петров”. Пропорачуваат итни вложувања во детските градинки, зашто може да се заштеди 79 отсто од енергијата. Брзо преземање зафати за енергетска ефиканост е потребна и во Домот за стари лица. Проценките се дека потрошувачката на енергија може да се рационализира за околу 75 проценти. Односно, со инвестиции би паднале трошоците, а ефектите би биле поголеми. Со тоа би се намалиле и расходите за енергија на локалниот буџет. Евидентирано е неефикасно трошење  енергија и во ОУ “Гоце Делчев”. ОУ “Добре Јованоски” троши најрационално енергија. Таму се потребни вложувања за намалување на давачките за енергија за 29 отсто. Проекциите на стручнаците упатуваат и на интервенции во училиштата по селата. Во дел од селските училишта би се зголемила ефикасноста со вложувања, а главната придобивка би била подобрување на комфорот и условите за изведување на наставата. Со инсталирање на штедливи светилки со двојно поголема ефикасност и трајност во градското осветлување уште повеќе од досега, иако веќе се поставени економични штедливи светилки, би можело да се намалат потрошените средства за струја. Заштедените пари ќе можат да се насочат кон нови зафати против градскиот мрак. 

Да се рационализира потрошувачката на електричната енергија и давачките, потребни се годишни вложувања од по околу 680 илајди евра. Со оглед на настојувањата на земјава да се приклучи кон енергетски ефикасните држави, програмата насочува и извори за финансирање. Покрај локалниот буџет, не се исклучени и кредити од светската банка од фондовите за обновливи извори на енергија и финансирање на научно истражувачки проекти, потоа средства од предпристапните фондови на ЕУ, а и од донации и невладини организации и грантови од земјите од ЕУ.

Како би се движела рационализацијата на потрошувачката на енергија и како постојната енергија би ја направиле поефикасна, експертите укажуваат за имплементација на најдобрите практики од областа на енергетската ефикасност и креирање кампања за подигнување на свеста кај населението.

Инаку, старите врати и прозорци се најчеста причина за бескорисно трошење енергија, затоа е неопходна нивна промена со автоматски затворачи и едукација на корисниците. Преку таваните “бега” околу 30 отсто од енергијата. Се препорачува поставување на изолации на покривите и надворешните ѕидови. И енергијата во осветлувањето може да се рационализира со замена на постојните светилки со флуоросцентни светилки, па и ЛЕД светилки. Проекциите отишле до инсталирање на сензори за самогаснење на осветлувањето во просториите без луѓе или со тајмери. Изолацијата на цевните системи на греењата не се со соодветна изолација, и затоа и таму се нужни интервенции, како и поставување на електронски автоматски термостатски вентили на грејните тела и интервенции во пумпите. 

Loading