Театар
“Сонот на Цепенков” во режија на Кирил Петрески е новата претстава што ја подготвува ансамблот на театарот, а чија премиера се очекува до крајот на годината. Режисерот го адаптира и драматизира текстот како нов театарски израз. Идејата е проверка, односно функционалноста во живо и денес на творештвото, собрано од Цепенков.
– Претставата ќе прашува, а актерите ќе го користат телото како инструмент, со многу малку наративни елементи, како сон. Тоа ретко се прави на сцена. Текстот не е цврста структура. Главна е приказната за Силјан Штркот, врз која се “лепат” другите. Замислата е креација на претстава со нов актерски израз – вели режисерот.
Ќе играат Игор Трпчески, Зоран Иваноски, Марија С.Илијеска, Даниела Иваноска, Димитар Црцороски, Никола Настоски, Димитар Ѓорѓиевски, Јасмина М. Станкоска, Александар Тодески и Катерина Чакмакоска.
Сценограф ќе биде Зоран Николоски, за костимите ќе се погрижи Даниела Настоска, а за музиката групата Чалгија Саунд систем.
Ова ќе биде петта претстава годинава на ЦК “Марко Цепенков”.