Фудбал
Интересно и квалитетно второлигашко првенство. Нема фаворити и на врвот се изменија повеќе тима. Водат Гостивар, Руфеја и Македонија Ѓ. П. по 23, четврта е Победа со 22 бода. Не е далеку 11 Октомври, седми со 20.
Вреден за пет, Победа зеде бод (2-2) од Врапчиште, каде тешко друг тим избегнува пораз, поради тешкиот терен и силниот домаќин. Головите се на Јанкулоски и Богоески, но црвен картон доби Колчакоски. В сабота (13 ч.) дома е мечот со Тиквеш.
– Во останатите три кола, планираме барем 28 бода. Само победа доаѓа предвид дома – вели Златко Петрески, тренер на Победа.
11 Октомври се држи со младинска екипа. Не ќе е чудно да се вмеша во горниот дел. Да не беше киксот со Корзо (по 2-0, 2-2), ќе имаше исти бодови со Победа. Со голот на голгетерот Радески со 1-0 ја совлада Локомотива и в недела храбро оди кај Скопје.
Лошо стои Корзо. Дома загуби 0-2 од Македонија Ѓ. П. и првпат разочара со играта. Навивачите заминуваа по првиот примен гол. На табелата е претпоследно, со осум бода под 11-то Маџари. Доскорешниот секретар Попов се повлече, а другите продолжуваат борба за фаќање сламка. Само со чесна, спортска игра се оправдува наградата “3 Ноември”.