Со милион денари од општинското ќесе ќе се помагаат почетните активности за изградба на џамијата во населбата Тризла. Буџетските средства ќе се искористат за расчистување на имотно – правните односи, односно за тие постапки побарал помош иницијативниот одбор за изградба на џамијата на која камен темелникот беше поставен пред околу еден месец. Со тоа градот покажува дека советниците им излегуваат во пресрет на верските потреби на сите граѓани, без разлика на вера и исповест, бидејќи сите се полначи, придонесувачи во приходниот дел на буџетот.
Уште еден милион денари за поддршка на градбата доби црквата Света Петка во Точила за која претходно беше предвиден милион денари со проекцијата на буџетот. За црквата “Св. Константин и Елена” советниците дадоа зелено светло да се префрлат 1, 2 милиони денари.
– Всушност тоа се пари, кои црквата ќе ги уплати на буџетот на општина, за продажбата на градежното земјиште, а повратно сакаме тие средства да и ги вратиме на црквата да не имаме бенефит од продажбата на тоа земјиште и со одлуката која ја донесе советот сакаме да ја помогнеме изградбата на верските објекти – вели Ѕвездакоски.
Претходно беа доделени средства за помош за изградба на црквите Свети Наум Охридски и Свети Пантелејмон.