НЕКА СЕ ЈАВИ, АКО ИМА НЕКОЈ КАКО ОРЦАКО

Фудбал: Некогашниот халф на Победа, Котески игра на 53 години

Настапувал за пет клуба, сега во забрчанска Кадица

Медиумите го фалат екс – репрезентативецот Тони Мицевски дека на 42 години уште играл за родното Поешево. “Мало дете” е ако слушнат за Орде Котески – Орцако, некогашниот халф на Победа. Тој игра во родното Забрчани, за Кадица, на 53 години!

Како издржува?

– Природна сила. Немам престанато. Во Победа кадет и младинец од 1974 до 1978, во првиот тим до 1987, после во Питу Гули Крушево, Пролетер Македонски Брод, 11 Октомври и Кадица. Добро се држам, покрај младите. Со Тризла извадовме 0-0, се чудеа – вели Котески.

Се памети по силниот удар од далечина. Даваше голови од 40 метри. Само го поминува центарот и публиката го бодри за шут. Ако ја погоди, нема бранење. Во Аранѓеловац се памети голот во 89. минута за 1-1. Тренерот Самарџиќ од возбуда само скокал и викал “шта је ово, шта је ово”. Капитулирале и најдобрите голмани.

– Со Вардар, Магде ме остави да изведам пенал, силно. Ми вели, само погоди го голот. Бранеше Мутибариќ. Се засилив и “распалив”, а топката, од оние тешки, “буба – мара”, прострела под пречка, над глава. Некој од тренерите зад голот, забележа “добро што не го погоди в глава, ќе го отепаше” – се сеќава Котески.

Времето минува, Орцако не старее. Неговата генерација се откажа пред 20 години. А нему добро му оди со Кадица во општинската А лига. Лани играа квалификации, есенва имаат три победи, две нерешени и четири порази за средина на табелата.

До кога во копачки?

– Дури ме држи здравјето. Напролет да завршиме со сезоната, в лето се квалификациите… Крај не гледам – порачува Орде Котески.

Пролетер зад Варош

Во А општинската лига во трка се лидерот Варош со 20 и Пролетер со 19 бода. Меѓусебното дерби го завршија 0-0. В недела (10 ч.) Варош го чека Боротино, а Пролетер гостува на Слога. Во Б лигата води Ц. Ѕвезда со 17, пред Беровци со 15. В недела (13 ч.) двете гостуваат, Ц. Ѕвезда на Црнилиште, Беровци на Илинден.

Во Третата лига бега Борец со 34 бода, а од прилепските тимови највисоко се Г. Коњари, петто со 22, Партизан седми со 20. В недела (13 ч.): Илинден – Г. Коњари, Тополчани – Младост, Кадино – Кожуф, Вардар – Партизан, Братство – Млекар. 

Loading