Бокс
Колку прилепчани го сакаат и боксот, покажа професионалната вечер кога се собраа близу 1000 гледачи во Домот на културата “Марко Цепенков”. Со бодрење и аплаузи проследија седум борби, а на крајот коментарите беа “малку е еден спектакл годишно, долго е чекањето до година”.
Рејтинг поени за “Пробокс Македонија”, поддржана заслужено од покровителот, Локалната самоуправа. Организаторите макотрпно работеле и ја нашле формулата за доволно спонзори. Полн погодок е гостувањето четири дена на Боб Логист, претседателот на ЕБУ, човек познат во боксерскиот свет, судија кој 2002 му судеше на Тајсон.
Во фокусот беше Александар Николоски, победник со 115-113 над Србинот Крстин. Тешка победа. Нашиот боксер тукушто зачекорува во професионалните води и не му забележуваме на пропустите. Откако создаде предност, одвај се извлече од невниманието во последните секунди.
– Моја грешка. Морам на подолги подготовки – рече Николоски.
Другите прилепчани беа деца, во предборбите. Трајче Илиески го совлада Славе Делиевски (Струмица), а Марко Настески ремизира со Дамјан Талимче. За нив беа најголемите аплаузи.