Организиран ден на јаболкото во ОУ “Блаже Конески”
Јаболкото е храна која се спомнува уште од библиски времиња. Неговите својства како здрава храна одамна се покажани, а англиската поговорка вели – “едно јаболко дневно, го остава докторот без работа”.
Зелено знаме се вее на јарболот од ОУ “Блаже Конески”. Тоа е награда и потсетник за високата еколошка свест што ја промовира училиштето. Највисокото признание доделено од министерството за образование за проекти поврзани со развивање на еко – едукацијата, со важност од две години. ОУ “Блаже Конески” го доби лани и сиот кадар се труди да го задржи и да не го испушти од “своите раце”, односно од својот јарбол.
Успешната сторија продолжува за “најзеленото” училиште во Македонија. Тоа го постигна зенитот годинава, кога беше избрано на четврто место од Волво challenge авантурата од Шведска за промоција на заштедата на вода. Успехот бил предуслов за здружението ОХО, кое е одговорно за имплементација на еко содржини во воспитно образовната работа, да посвети внимание на точилското училиште, па на обострана иницијатива, претставници од училиштето ги посетија еко – градинките и еко – училиштата во Словенија и Хрватска. Двете земји се далеку стасани во екологијата, па воодушевувањето од чистотата, зеленилото и одржливиот развој се претече во црпење на нивните иницијативи за бенефит кај нашето училиште.
Една од позитивните практики што им повлекла внимание на претставниците на ОУ “Блаже Конески” била традиционалната манифестација на хрватските училишта за денови на лебот и јаболкото.
Од октомвриската посета следело “копирање” на проектот за ден на јаболкото, како здрава храна и култура, што човекот од дамнина ја користел во исхраната. Преку контакт со здружението ОХО бил договорен термин за единствената ваква манифестација во нашиов град. На големо задоволство на директорката Марија Дулевска, целиот наставнички колегиум ја поддржал иницијативата и со одличната соработка со советот на родители за три недели успеале да се подготват и да го организираат Денот на јаболкото. Наставниците успеале да вметнат тема јаболко во наставниот процес. Така математичарите пресметувале дијаметри, се учело за историјата на јаболкото, се пишувало за него на часовите по мајчин јазик…
Ненајавено, но пријатно изненадување беше присуството на првата дама на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, сопругата на Претседателот Ѓорге Иванов, која е покровител на настаните за “Здрава храна – за детство без маана”. Без “вкочанет” протокол, Иванова топло беше примена од сите во ОУ “Блаже Конески”, и со задоволство се фотографираше со пресреќните ученици и родители. Ги посети штандовите на малите мајстори, со ветување дека дел од подготвеното ќе однесе дома, да се слади и нејзиниот син, Иван.
Директорката Марија Дулевска не го крие задоволството од текот на манифестацијата.
Ако по утрото денот се познава, значи дека првичниот успех на денот на јаболкото ќе стане традиционален и секоја година сé поуспешен проект кој ќе ја доближи здравата храна до најмладите.
Варошкото “… Конески” кај градоначалникот
Учениците од населбата Варош при ОУ “Блаже Конески” го посетија градоначалникот да се запознаат со работата на локалната самоуправа. Тие се распрашуваа што работи градскиот татко и како ќе им ги подобри условите за учење во училиштето на Варош, кое е реконструирано пред две години.
![]()

