Скулпторот Даган Попоски – Дадата вели дека магарето е симбол на градот покрај Марковите кули и Градскиот саат како споменици. Според него, препознатлив знак е магарето зашто тоа ја симболизира трудољубивоста на тутунарите. Аргумент повеќе е тоа што порано се одгледувале магариња да ги носат кошевите тутун од нива до домаречиси во секоја куќа и тоа не само по едно дури и по две. Тоа било и амалот за носење вода кога се садел тутунот со колче. Можеби и оттука е и поговорката, “магарето не го викаат на свадба за сват, туку вода да носи”.
Дадата смета дека низ магарето се пренесува традицијата на маката на тутунарите, кои се бореле со грутките земја за корка леб од мугра до мрак. Не само од своето искуство, памети дека родителите ги носеле на нива заспаните деца, јавнати на самарот од магарето. После ги легнувале покрај нивата заедно со магарето, додека вешто кинеле листовите на тутунот од стеблото во темнината.
Попоски пренесува дека локалните власти во седумдесеттите години му нарачале да изваја некој препознатлив споменик да се постави во центарот на градот и да асоцира на Прилеп. Го одбрал магарето со кошви со дете и родители. Направил минијатурна макета да ја видат градските власти. Дел се восхитувале, но кај еден од функционерите идејата предизвикала бес. Имено, според Дадата, еден од функционерите имал прекар Магарицата, бидејќи бил инаетчија. Практично се препознал во магарето а симболиката ја разбрал за потсмев и поигрување со неговиот интегритет и кредибилитет. Бил моќен што, отстапиле и соработниците, Дадата да изваја магаре – амблем за тутунарската мака.
Дали сега времето е зрело симболот на трудољубивоста на Прилепчани -магарето – да се изваја, не е познат. Но има доста факти кои се во прилог на тоа дека магарето сепак е еден идентификациски нишан за вредните прилепчани.