Тути Фрути
Љубовта кон слаткарството, долгогодишното искуство стекнато со посветеност, ја охрабриле сопственичката Цене Китаноска, пред три години да го формализира бизнисот. Ја искористила државната помош понудена од Агенцијата за вработување, па отворила работилница за торти и слатки со сите нишани, потребни за легален бизнис. Добиените средства ги искористила во започнување на бизнисот за обезбедување егзистенција. Фирмата Тути Фрути ја регистрирала во 2009 година. Десна рака во работилницата í е сопругот Стеван, кој е познат готвач и скараџија.
– Мотивот беше егзистенцијата. Работевме дома 15 години пред регистрацијата на фирмата. Со системот ХАСАП моравме да го регистрираме дуќанот. Кредитот од три илјади евра, за почнување на сопствен бизнис од Агенцијата за вработување, беше исклучиво во опрема. Бевме меѓу првите. Купивме миксери, печки за печење, работни маси, инвестиравме во материјали. Со тоа ги покривме сите законски услови. Позитивно гледаме кон овој потег од државата, иако бевме малку скептици на почетокот. Елаборатот сама го подготвив. Пресудно, покрај искуствотото и “визата” за отпочнување на бизнисот, беа муштериите .Тие нарачуваа слатки од кај нас повеќе од деценија – вели сопственичката Цене Китаноска.
Главно се ориентирани на торти и слатки, и тоа по порачка. Прават невестински торти, роденденски, како и визитарски слатки. Тортите, купени од “Тути-фрути”, се со фискална сметка, неопходна за внесување во ресторани и хотели, каде се прават прослави и веселби.
– Ми беше задоволство да правам торти и слатки. Најпрвин за пријатели, а потоа ме препорачуваа кај нивни пријатели. Работев првин беспари, а после наплаќав. Сакав да се прошири бизнисот, затоа што бев умешна, иако по струка сум трговски техничар – вели сопственичката Китаноска.
Признаваат дека се чувствува растот на цените на продуктите за слатките и дека е падната куповната моќ на граѓаните. Но, не ги зголемуваат цените, ниту го намалуваат квалитетот на составот за подготовка, иако муштериите бараат поевтино.
– Кога почнавме, маслото беше 50, а сега е 90 денари. Но, ја чуваме истата цена на производите. Не поскапуваме, оти граѓаните не се моќни. Секогаш бараат поевтино, некогаш и од навика. Најчесто се бараат торти за празници, а за Нова година се троши само најевтиното. Транспортот на невестинските торти е наш, а ако е за иста свадба ги носиме и другите торти – вели Китаноска.
Во бизнисот, покрај вработените, помага и сопругот Стеван, кој е ангажиран сезонски во италијански ресторан на островот Крит во Грција, како и синот, кој помагал до мај, а сега заминал на брод. Тоа докажува дека тешко се опстојува и нема којзнае колкава можност за заработка, туку колку да се врзе крај со крај. За нив квалитетот е најважен и не дозволуваат да скусуваат од рецептите на тортите и слатките.
А беспрекорната декорација на производите, само го збогатува слаткото задоволство.