БУЏЕТСКОТО ЌЕСЕ ГАРАНТИРА СТАБИЛНОСТ НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА

За девет месеци во градската каса се слеале 59 отсто од предвидените приходи, што е рамно на очекувањата и зголемувањата

Во буџетот за деветте месеци инкасирани се 268.4 милиони денари, или 59 отсто од планираните 455 милиони денари. Нето растот на приходите во споредба со претходната година е 47 милиони денари вишок, покажува извештајот за третиот квартал од 2012 г. за извршување на буџетот кој го разгледаа и го усвоија советниците. 

– Ако го споредиме со остварувањето на приходите во истиот период од претходната година, тогаш сме задоволни заради следната причина: кога ќе ги одземеме пренесените вишоци на приходи во 2011 и 2012 г., тековните приходи во периодот ја дава следната ситуација – 260 милиони денари се остварени приходи и 8,4 милиони денари се пренесени вишоци. Додека во 2011 г. 248 милиони денари се реализирани приходи, а пренесени се вишоци на приход од 35 милиони денари. Сме биле поефикасни во остварувањето на приходите во однос на претходниот период. Притоа растот е најголем кај капиталните приходи со 60 милиони денари. Се бележи одреден пад на приходите од надоместок за уредување на градежното земјиште. Сé на сé, кога ќе го сумираме намалувањето на приходите во споредба со лани и зголемувањето кај капиталните приходи, доаѓаме до ситуација за еден нормален, реален раст на приходите од 47,6 милиони денари. Обврските кои заклучно со 30 септември ги имаше буџетот се 14, 3 милиони денари, а слободните средства се 4, 4 милиони денари, односно дебаланс меѓу приходите и расходите од 10 милиони денари што не е значајно, имајќи предвид дека во третиот квартал и најмногу се извршуваат годишните комунални програми кога имаше најголеми активности на терен, додека приходите беа реализирани со нормална динамика како и во претходниот период – вели Драге Звездакоски, раководител на Секторот за финансирање и буџет.

Според неговата прогноза, годинава, Општината ќе ја заврши со историски најголеми приходи, остварени во апсолутен износ. Притоа ќе ја задржи финансиската стабилност и ќе ги поддржи и санира сите единки – корисници и ЈКП, кои ќе ја задржат својата стабилност и ликвидност во наредниот период, што е и основна цел на буџетската политика на општината.        

Loading