ВРЕДНА ПОБЕДА И СО ЕДЕН ГОЛ

Ракомет: Жито Прилеп – Иси Париз Хенд

Опасноста е од нивните бекови – смета тренерот Марковски

Пак европски ракомет во арена “Сонце”. В сабота (18 ч.) во 3. коло на КПК, Жито Прилеп го пречекува францускиот Иси Париз Хенд. Гостинките се фаворитки, но само на хартија. На терен може да биде сосема поинаку. Нашите нема што да загубат. Со подвиг се добива рејтинг – углед на меѓународната сцена.

– Одиме на победа. Барем еден гол разлика вреди за нас, да патуваме на реваншот со предност. Силни се, но дома не се плашиме – порачува Борче Марковски, тренер на Жито Прилеп.

Според анализата на снимките ривалот е квалитетен, еден од најсилните кои играле во градов. Учествувале во септември во квалификациите за ЛШ, каде беа елиминирани од германски Лајпциг и руската Звезда. Во француската лига е петти. Имаат три интернационалки и три А репрезентативки.

– Опасноста е главно од бековите Спенсер и Сигнате, висока со скок шутеви оддалеку. Играат побавно од Швеѓанките, но се посилни од дистанца. Треба да ги оневозможиме со брза игра и тактичка дисциплина – порачува Марковски.

Французинките се силат со интернационалките, Залевски (Полска), Мордал (Норвешка), Тошковиќ (Црна Гора). Од друга страна и Жито Прилеп не е за потценување со три репрезентативки, Наумоска, Серафимовска и Мркиќ. После дуелите со Металург јуниор (34-23) и Кожувчанка (38-26), утре се најавува голема пожртвуваност.

– Поддржани од две илјади гледачи, “летаме” кон подвиг – истакнува Борче Марковски

Судијките за утрешниот меч се од Хрватска, а делегатот од Турција.

Силни состави

Жито Прилеп: Наумоска, Дурланова, Бошковска, Стојановиќ, Мркиќ, Нацева, Крстевска, Петлеска, Аџулеска, Шалевска, Саздова, Цаневска, Серафимовска, Здравевска.

Иси Париз Хенд: Атингре, Лесурс, Тошковиќ, Брејмант, Гардони, Нгуан, Мордал, Гуџо, Спенсер, Накате, Кејта, Морето, Сигнате, Кпозе, Мосабау.

Loading