ВИНО ПО ТУТУНОТ

Бочви со вино, прасе и зимница е прилепски знак за домаќинлак. Традицијата се негувала отсекогаш. Адетот да се складира свинско месо во каче со сол, да се обезбеди најмалку една бочва вино за в зима и да се наполни визбата со конзервиран зеленчук и овошје се пренесувал од колено на колено. И денес се негува во повеќе семејства. Ако се отстапи од тертипот, се смета за резилење на семејнииот статус и правила.

Прилепчни се познати по тутунот. Паралелно со берењето и нижењето,  уште од лето воделе сметка да снабдат прасиња за взима. Ги ранеле во семејните дворови, а во ноември било “големото” колење на маторици и крмаци. Со виното била поинаква приказната. Речиси секоја куќа одгледувала декар – два лозје, да се тури вино на есен и да се пие на зима. Оние кои немале лозја, не останувале без возвишените капки на боговите. Бело и црвено вино купувале од познати фамилии, кои одгледувале различни вински сорти на поголеми површини. Родот го складирале во бочви и го продавале на ретките муштери, на кафеаните, ановите и конаците. Граѓаните купувале по литар – два за празник, за слава, за именден. Или повеќе за свадба или крштевка. Но, и за дома, оти не ја бидувало куќа без вино. Додека зиме се одморале по предавањето на тутунот во монополот, машкиот дел од семејствата се собирал по куќи на муабет. Зборот врвел поарно со по некоја чаша вино за здравје од билнаците. Паѓале и мајтапи, но сето тоа било во духот на градската култура.  

Loading