Фудбал
Второлигашот Корзо остана без капитенот Иво Дамески, играч од средниот ред, кој доби тешка повреда, скршеница на ногата, на дуелот (0-0) дома со Врапчиште. Повредата веројатно немало да има ако теренот бил рамен. При дуел со противнички фудбалер, Дамески накриво згазна и се повреди. На носилки беше однесен в болница, каде е успешно опериран. Лекарите предвидуваат враќање напролет.
Се наметнува за тема теренот од стадионот “Гоце Делчев”. Порано, а и до неодамна беше за гордост. Рамен, искосен, милина за игра. Откако е напуштен, се запусти. Поретка е тревата, а нерамнини има на секоја педа. Јака им душа на фудбалерите како успеваат да додаваат топка, да дриблаат… Топката може да отскокне, а, еве, уште потешко, да дојде до повреда. Кој треба да реагира?! Не се мешаме, оти работите се измешани, но крикот е од самите фудбалери и клубови.
Од ривалот Врапчиште прашувале за повредата. Обично кај дел од гледачите постои лош однос кон екипите од западниот дел, иако немало проблеми, ниту дома ниту на гости. Конечно треба да се отстранат предрасудите.
Распоредот за викендов: Втората Победа по поразот од Маџари (1-0) оди кај Врапчиште. Тимот на Корзо в сабота (13 ч.) пак е дома, со Македонија Ѓ. П. Екипата на 11 Октомври по сензационалната победа на гости (0-1) над Македонија Ѓ. П., в недела игра дома со последната Локомотива, каде голот го чува Александар Игески.