Жива материја е јазикот. Се менува, се развива, се усовршува. Понекогаш и се деградира (како што е случајот сега во Македонија). Се развива јазикот. Се појавуваат нови зборови. Понекогаш позајмени од некој друг јазик, понекогаш новосоздадени врз основа на нашиот зборообразувачки систем.
Така е тоа. Нови зборови се појавуваат, а пак некои кои биле во употреба се подзабораваат или, речиси, исчезнуваат. Таквата појава беше повод, да се позанимаваме, да се потсетиме на некои зборови кои некогаш беа во жива употреба, а сега ги нема. Се присетивме на неколку такви зборови. Ќе почнеме со зборот СПЛУЕ (се). Така е одбележан во Речникот на македонскиот јазик. Ние ќе ја земеме придавката СПЛУЕН, што значи распаднат, раскапан човек, обично од лежење. Глаголот СПЛУЕ (се) тешко би се употребил во сегашно време, освен, по чисто теориски пат. Почесто сме го среќавале во минато (свршено) време, во идно време па и во императив, заповеден начин. Кога ќе речеме СПЛУЕН тоа не значи дека човекот навистина е распаднат. Тоа повеќе се користеше во преносна смисла, а понекогаш и како еден вид клетва. Ако некој човек е премногу мрзелив, ако лежи постојано, ќе се рече за него: “Ене го, СЕ СПЛУЛ, по цел ден се излежува”. Во постаро време, кога немаше струја во секој дом, кога се пеглаше тутун навечер, на газиена ламба, на некое од децата им се приспиваше. Се жалеа дека се изморени и дека сакаат да си легнат. На таквото дете, изнервираниот родител ќе му речеше: “Бегај, СПЛУЈ СЕ таму, да не те гледам”. За некој човек кој многу спие, би се рекло – “Кога ќе СЕ СПЛУЕ, ела разбуди го”. Значи имаме минато свршено време – СЕ СПЛУЛ, заповеден начин – СПЛУЈ СЕ и идно време – ЌЕ СЕ СПЛУЕ. Рековме дека овој глагол во сегашно време е речиси невозможен (се сплујува). Зборов е веќе подзаборавен или поточно, заборавен. Младиве луѓе веројатно и го немаат слушнато. А може да се користи. Особено во литературни творби, каде е нужно некое посочно, поколоритно изразување.
Има и еден друг збор кој што ја доживеа истата судбина. Поточно, тоа се два збора со исто значење. Станува збор за МУЖДЕ или МУШТУЛУК. Рековме дека значењата им се исти, а тоа е всушност награда за оној кој прв ќе донесе некоја добра, радосна вест. А се користеше и во една поинаква, малку иронична смисла. Ако некој човек знаел некоја тајна, која не смее да ја кажува, но тој не можел да издржи и го кажал тоа што не требало, би му рекле: “Го кажа тоа? Е, сега ќе го добиеш МУЖДЕТО (МУШТУЛУКОТ)”. Ако донесеше радосна вест некое дете, навистина беше наградувано. И сега е така. Но, се велеше: “Еве, сега ќе го добиеш МУЖДЕТО (МУШТУЛУКОТ )”.
Двата збора ги има одбележано и во Речникот. Таму каде е одбележан зборот МУШТУЛУК упатува на МУЖДЕ. Значи, нормата е МУЖДЕ. Во Прилеп се користеше токму тој збор – МУЖДЕ. Во некои други градови – МУШТУЛУК. Ристо Крле, во пиесата “Антица” го употребува МУШТУЛУК. Значи, таму така се вика, а не МУЖДЕ. Се прашувавме зошто (според Речникот) МУЖДЕ има предимство. Најпосле, во Речникот на странски зборови и изрази од д-р Братољуб Клаиќ (Хрватска) пронајдовме дека потеклото на зборот МУШТУЛУК е турско. Можеби тоа е причината што во нашиот Речник (тритомниот) предимство му се дава на МУЖДЕ. А и за тој збор, за МУЖДЕ, немаме никаков податок за неговата етимологија, за неговото потекло. Не знаеме дали тој има некаков корен во нашиот јазик или пак е влезен по некој друг пат, во некое друго време и во некои други околности. Како и да е, штом во Речникот е така набележано, значи дека нормата е МУЖДЕ, а МУШТУЛУК останува како архаизам. Освен што наспоменавме дека Ристо Крле го употребува во својата пиеса “Антица”, не знаеме како се вели во другите места низ нашава земја. Штом во Струга е така, најверојатно така ќе биде и во Охрид – МУШТУЛУК. Не сме наполно сигурни, но како да сме го слушале така и во Битола.
Во некои околни места во Прилеп сме го слушале и како МУЖДРЕ. Но, за тоа сега не треба да лутаме и да се прашуваме што е точно, а што не е. Она што е набележано во Речникот, треба да биде потврда дека нормата е МУЖДЕ, а не МУШТУЛУК или нешто трето.
Чудно е, зошто овие зборови (особено МУЖДЕ) се одбегнуваат и речиси, се забораваат. Јазикот треба да се надградува, но не треба да се заборава и онаа народната – “Нов бунар копај, на стариот не плукај”. МУЖДЕ не е збор за отфрлање, многу точно би си ја нашол својата примена и своето значење.
Ајде, напред! Кој ќе почне да го користи прв, ќе го добие МУЖДЕТО.
Благоја Ивчески