ОСУМ ПРОФЕСИОНАЛЦИ НА РИНГ

Бокс: Спектакл во Домот на културата

Последниот меч е на Николоски со Србинот Крстин

Секоја година барем по еден боксерски спектакл во градов, а утревечер (20 ч.) во големата сала од Домот на културата “Марко Цепенков” е ново уживање за приврзаниците на благородната вештина. Со Ѓорѓи и Дарко Чатлески, Виктор Андоноски, од “Пробокс Македонија” покровителот, градоначалникот Марјан Ристески со генералниот спонзор Кабелнет, на ред е професионална боксерска вечер првпат под надзор на Европската боксерска унија (ЕБУ).

Покрај три воведни на млади надежни боксери од градов против врсници од Струмица и Тетово, следат четири професионални борби, која од која пожестоки, според лутината кај противниците. Прво ракавиците ќе ги вкрстат Милјан Ровчанин (Србија) – Константин Арменга (Романија), потоа боксерот со македонски корени Никола Димковски (Србија) – Сејфула Бериша (Србија). Трета борба е на носителот на сесловенската титула Петар Живковиќ (Србија) – Зоран Цвек (Хрватска), а на крајот прилепчанецот Александар Николоски (Македонија) – Немања Крстин (Србија).

За Николоски, кој сака да ја напушти работата во Скопје и да се посвети професионално на боксот, следи третата борба. Атакува на втората победа, после ланската над Унгарецот Шимон.

Четворицата судии се од Македонија и од Србија.

Доаѓа првиот човек на ЕБУ

Важноста на настанот го потврдува доаѓањето на Боб Логист, претседателот на Европската боксерска унија. Во градов е од синоќа до недела. Спектаклот е под негов “нишан” и доколку е позитивна оценката, се отвораат врати за искачување повисоко.

За гостите како Логист се одредени посебни места во салата, која собира околу 1000 гледачи.

Loading