Првата електронска продавница на детска облека од конфекцијата Хатра за линијата Тила (www.tilla.mk), поддржана од Владата, ја отвори министерот за информатичко општество Иво Ивановски. Владата субвенционира 50 фирми, кои се јавиле на конкурсот на министерството за развивање на електонската трговија.
– Прилепската е прва електронска продавница, отворена со владина стимулација. Им помагаме на бизнисмените да влезат побрзо во глобалниот свет на интернетот и да пласираат низ целиот свет, зашто тоа е иднина. Расте продажбата преку интернет. Во првиот квартал 11,4 отсто од сите корисници во земјава купиле производи преку интернет. Евидентирани се 250 електронски продавници – рече Ивановски.
Сопственикот Благоја Конески, очекува проширување на пазарот во странство со електронската продажба.
– Конкуриравме и добивме апликација за електронска продавница, од која очекуваме не само подем на продажбата, туку и развој – рече Конески.
Министерството за информатичко општество в година ќе објави конкурс за поттикнување на отворање уште на 50 електронски продавници.