Груевски во Прилеп
Речиси целата влада и владините функционери три часа им беа на дланка на над илјада прилепчани на трибината во претесната сала на ЦК “Марко Цепенков”. Како да им “стојат диван” граѓаните, министрите одговараа на десетици прашања на љубопитните за различни теми што им претставуваат товар и мака во животот. И градоначалникот Марјан Ристески им беше на услуга, одговарајќи на прашања од локален карактер.
Премиерот Никола Груевски рече дека се тргнало во крупни проекти и длабоки реформи и во тој стил ќе продолжи оваа влада.
За реформите и модернизацијата на здравството рече дека оваа животна дејност била запоставена и одбегнувана во минатото.
– Поранешните Влади го оставале здравството на други. Го презедовме ризикот и ги решаваме наталожените проблеми со набавка на големи количества апарати или инвестиција од 100 милиони евра за подобрување на здравствените услуги, додека СДСМ за цел мандат вложи 1,5 милиони евра. Дадовме уште четири милиони евра за нови амбулантни возила за цела земја. Се реконструираат болниците. Лекари заминаа во странство на обука, по стекнување на ново, дополнително, знаење да се вратат и да ги пренесат на пациентите новите методи. Платата по учинок е модел, применет во повеќето земји. Тој прави разлика меѓу посветените лекари и незаинтересираните – рече Груевски.
Премиерот ги апострофира реформите во судството.
– Со Закон се скусија роковите на постапките. Има и казни за непочитување, како за претседателот на судот, така и за судии, доколку се забележи еклатантно кршење на роковите. Судскиот совет заседава за претставки или поплаки најмалку еднаш месечно на отворена седница. Од 1 јануари ќе се применува квантитативното и квалитативното бодувањето на судиите, со што ќе се создадат услови за постепено менување на состојбите – рече Груевски.
Со смена на легислативата, предвидени се санкции за молк на администрацијата.
– Државните служби не даваа одговор во законски или разумен рок. Да ги натераме професионално, посветено и навремено да одговараат, службениците и раководителите ќе се санкционираат. Тие се сервис на граѓаните – рече Груевски.
Зборуваа и министерот за финансии Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, за труд и социјална политика Спиро Ристовски, за надворешни работи Никола Поповски, вицепремиерот Владимир Пешевски, како и градоначалникот Марјан Ристески.
Се враќаат долговите кон стопанството
– Наместо до крајот на ноевмри, како што беше проектирано, на почетокот од месецов се исплатени повеќе од половината од задоцнетите долгови кон стопанството – објави премиерот Груевски.
Тој рече дека стои на зборот, и најдоцна до крајот на февруари ќе се платат сите обврски на државата кон бизнис заедницата.
Загубениот образ не се враќа.
За добивањето на датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, што треба да се случи во декември, Груевски рече дека на опозицијата никако не í е погодено.
– Опозицијата кажува дека ако во декември добиеме датум за преговори, тоа значело дека сме го смениле името, а ако не добиеме датум, тоа ќе значело дека нé не бидува. Како и да свртите е неповолно. Според оваа варијанта на Црвенковски, кој го смени името и го прифати ПЈРМ, и според неговата логика, веројатно сме добиле датум за преговори уште во 1995 година, но уште не сме свесни за тоа. Владата и партијата сакаат да се реши името, внимавајќи на националните интереси, особено на ризиците со македонскиот народ – истакна Груевски.
Првиот човек на Владата рече дека Црвенковски се обраќа на различни структури.
– Се чудам! Им се обраќа на земјоделците, кои додека беше премиер никогаш не добија субвеници. На крајот на мандатот, земјоделците со демонстрации и блокади издејствуваа малку субвенции од вкупно 5,5 милиони евра, наспорти сегашните 135 милиони евра. Им се обраќа на пензионерите, на кои им одзеде осум отсто, лажејќи ги дека ќе пропаднела земјата, ако им ги врати. Па, им се обрати на стопанствениците, кои паметат дека во време на СДСМ, царуваше криминалот и корупцијата, заедно со балканските шверцери на нафта. Им се обрати на лекарите, кажувајќи им дека ќе ставел миниситер – лекар, веројатно мислејќи на Владо Димов или некој како него. Им се обрати на професорите и администрацијата, кои не се сеќаваат што е зголемување на плати во време на СДСМ – кажа Груевски – додавајќи дека може многу работи да се загубат во животот и да се вратат, ама кога еднаш човек ќе го загуби образот, тоа никогаш не може да го врати.