Фудбал: Тони Мегленски, капитен на второлигашот Победа ј.
Мораме на победа во Маџари – порачува екс – репрезентативецот
Победа јуниор со три последователни победи првпат есенва се искачи на врвот од второлигашката табела, а меѓу најзаслужните сигурно е капитенот, Тони Мегленски. Убедливо најискусен, ја има најтешката улога, креатор на играта. Понатаму е многу полесно за тимот, кога акцијата добро почнува, течно оди до завршницата, се создаваат бројни шанси и голови.
Како се одлучи за Победа јуниор?
– Летото најдовме заеднички јазик со екипата, која ми одговара. Одлично се надополнуваме со младите соиграчи. Тука ми е местото, во тимот каде ја почнав кариерата – вели Мегленски.
Екипата тргна кон првото место со голот на Мегленски во 95. минута дома за 2-1 со штипски Баби. Ако не беше тој гол, можеше се да тргне надолу. Посака и среќата. После е сензацијата со резултатот 0-2 над несудениот прволигаш Миравци, на гости. Да се победи Миравци и дома е успех, а на гости значи потврда на квалитет. Во саботата дома со 3-1 падна Новаци и со 21 бод погледот е одозгора, бод над Руфеја и Македонија Ѓ. П.
На голот е Апостоловски со алтернативата Настески, во одбраната Богоески, Велјановски, Ристевски, Милошески, Котески, во нападот Карчески, Зојчески, Здравески, Чешелкоски, во средината без заминатиот во Австрија Петрески, се смета на Јанкулоски, Колчакоски, Јусуфоски, Митревски, сите под палка на диригентот Мегленски. Пред нив се нови пречки, две со ред на гости, прво кај Маџари, после кај Врапчиште.
– Врвот, само со серија “три по три бода”. Не се задоволуваме со реми. Мораме на победа веќе од сабота, со Маџари – истакнува Тони Мегленски.
Корзо – Врапчиште
Љубителите на фудбалот ќе чекаат вести за дуелите на гости на Победа кај Маџари и 11 Октомври кај Македонија Ѓ. П, а имаат можност да го следат третиот тим, Корзо. Во битката за опстанок, в сабота (13 ч.) е натпреварот дома со Врапчиште. По ремито (2-2) со 11 Октомври, убаво е да се оствари втората есенска победа.