ТОЧИЛСКИ ОЛИМПИЕЦ БЕЗ САЛА

На урбаниот маратон, осмоодделенецот од ОУ “Блаже Конески”, Кирил Лучески го освоил престижното трето место. Во конкуренција од седмо и осмо одделенци од сите основни училишта, Кирил зад себе оставил преку сто учесници. Интересно е што надежни спортисти излегуваат од училиштето кое е наградено за најспортско, а нема фискултурна сала.

Како што вели наставничката по физичко образование, Тања Јованоска, кружната патека по која се трчало не била класичен маратон, туку повеќе крос трчање со должина од 1800 метри. Почетокот бил од Булеварот, по ул. “Марксова”, ул. “Егејска” до ОУ “Климент Охридски” со финиш на Булеварот од каде што почнале. Покрај Кирил, од точилското училиште учествувале уште 10 негови соученици.

Скромниот Кирил не зборува многу, но кажа дека му била голема чест што наградата ја добил од градоначалникот. Третото место не е изненадување, туку резултат на тренинзи и соодветна диета. Вели дека на маратонот трнал со добро темпо, а на крајната етапа го дал последниот молекул сила. Јаболкото и медот се секојдневни намирници во диетата на малиот маратонец. Летниот распуст го минал во Струмица, а му се погодило да биде во близина на градскиот стадион, па цело лето, секој ден трчал по 10 круга. Некогаш кружната патека од 400 метри ја заменувал со трчање до околните населени места и назад за да научи како најдобро да ја распореди силата во трчање на долги патеки.

Повеќе години е на позиција крило во фудбалскиот клуб 11-ти Октомври, каде брзината ја користи за агилни пасови и финти со топката. Одамна имал интерес за атлетиката, но “се открил” токму на маратонов. Ги следел атлетските натпревари на ТВ, но во градов не нашол тренер за атлетика сé до минатиот месец. Во слободно време дома прави склекови и стомачни вежби. Идоли му се јамајканецот Усаин Болт и кениецот Дејвид Рудиш. Сака да продолжи на економско, ама “умот му го мати” спортската гимназија. 

Loading