Наталија Ацеска, директор на СОУ “Кузман Јосифоски – Питу”
Екологија и економија во едно
Барање за нов профил – електронско банкарство
Со какво портфолио дојдовте на оваа позиција?
– Зад мене се 12 години работно искуство. Образовната кариера ја почнав во ОУ “Гоце Делчев”, за потоа, најголем дел од досегашниот стаж, да го поминам во СОУ “Орде Чопела”, како професор по биологија. Како магистриран професор пред една година станав директор на СОУ “Кузман Јосифоски – Питу”. Активно сум вклучена во многу државни и интернационални проекти преку Министерството за образование, министерството за животна средина и УНДП. Автор сум на два прирачника за еколошко образование, а коавтор на ГЛОБЕ прирачници за училиштата во Македонија, кои ги подготвуваме во согласност со препораките на НАСА и универзитетот во Колорадо. Поседувам лиценца за експерт при оценување на влијанието на животната средина и сум активен член на асоцијативното тело “Ал Гор” против климатските промени. Постојано се трудам да се доедуцирам, па сум претседател на здружението “Жртви на знаење”.
Тоа се доста активности поврзани со екологијата. Дали успевате да реализирате проекти од овој тип на сегашнава позиција?
– Сакам да го разбијам митот дека економското училиште по правило не би имало значајна врска со екологијата и со одржливиот развој. Токму економијата е клучен дел во формулата за одржлив развој, односно, економијата плус екологијата даваат резултат одржлив развој. Доколку во образовниот процес не се научи за значењето на екологијата и развивање на еколошката свест, многу е потешко во натамошниот живот да се стекне знаењето дека природата е создадена за човекот, но и од човекот.
Дали активностите на разни полиња претставуваа проблем во доаѓањето до израз на менаџерската позиција во училиштево?
– Напротив. Постојаните контакти доведоа до тоа да немам потреба за адаптација на новото работно место. Ги познавав скоро сите вработени и ми беше предизвик да се покажам на оваа позиција. Од првиот ден соработката на сиот наставнички колегиум е одлична на обострано задоволство.
ОУ “Кузман Јосифоски – Питу” е училиште со голем број на профили. Тој факт кажува и дека бројот на ученици расте. Дали училиштето е спремно да им излезе во пресрет на постојните и идните средношколци?
– За жал, не е импресивна затекнатата состојба во училиштето. Постојан е проблемот со недостаток на училници. Подот е скоро уништен, дограмата е целосно енергетски неефикасна, скалите се претесни за учениците и вработените. Сепак, сакам да ги пофалам професорите кои се откажаа од средствата што им следуваат и заедно, со помош од дел од бизнис секторот, се реновираа административните канцеларии, се вароса и со донации се опремија неколку училници со инвентар. И кабинетите добија подновување на надгледните средства. Разговарано е со министерот за образование и со градоначалникот и веќе имаме подготвено програми за решавање. Проектите се доставени и се очекува покривање на финансиската конструкција. Во тек е изградбата на фискултурната сала, но работите скоро стагнираат. Градоначалникот посветува големо време на образовните институции, па се надевам дека врската меѓу локалната и централната власт ќе ни дозволи да ги спроведеме проектите.
Новиот профил, банкарски техничар е атрактивен. Што планирате за идната година?
– Не сме сиромашни со идеите никогаш. Тие не престануваат. Останува да ги спроведеме на дело. За идната година од локалната самоуправа ќе побараме да се одобри нов профил за електронско банкарство, за кој веќе имаме подготвена наставна програма во соработка со Економскиот факултет. Се трудиме да го поставиме доживотното учење. Тоа туѓо искуство го осознавме при посетите на училиштата во Англија и Германија. Веќе нашите професори учат 20 лица за книговодителство и финансиско работење. Посветени сме на менаџментот со човекови ресурси како клучен алат во пазарот на трудот.
Која е спецификата на СОУ “Кузман Јосифоски – Питу” во споредба со другите средни училишта?
– Како што кажува нашето мото “Ваш избор – Ваша иднина”, тежнееме да создадеме добро едуцирани кадри, затоа што знаењето е најсилното оружје за освојување на светот. Контактите со невладините организации, германските и англиските училишта и збратимувањето со училишта од Хрватска, Република Српска и Германија ни е најсилен адут за развивање на нови, модерни трендови од кои наредните генерации ќе имаат само бенефит.