ПОЧЕСТ ЗА ГИМНАЗИЈАЛКА ОД МИНИСТЕР И ЕВРОПРАТЕНИК

Теодора Јагуриноска е трета година во гимназијата, покрај тоа што учи во математичката насока, повеќе ја влече пишаниот збор, отколку равенките и формулите.

Таа неодамна го освоила третото место за најдобар есеј на тема “Зошто е кул да си стар”. Манифестацијата, организирана од ЕУ и поддржана од министерството за образование, била насочена да го смени сваќањето дека лицата, со староста стануваат сé побескорисни, а во суштина претставуваат огромна колекција на знаење и мудрост, стекнати низ годините.

На Теодора, лајт мотив и била белоруска народна приказна, во која старите лица како бескорисни се праќале во планина да ги изедат мечките. Користејќи го тоа како вовед, пишувала за активното стареење, или како да се искористи мудроста на старите да се постигнат подобри резултати од идеите на младите. Во есејот, кој требало да има максимум 300 збора, гимназијалката успешно го вклопила гледиштето за градење на мост меѓу старите и млади генерации.

Жирито составено од професори, претставници од министерството и од ЕУ, го оцениле есејот на Теодора за “бронзен” меѓу 31 учесник од осум средни училишта од земјава. Голема чест претставувало што на првонаградените им честитал европретставникот Аиво Орав и министерот Панче Кралев.

Покрај моралната сатисфакција, гимназијалката добила и комплет книги и промотивни материјали за ЕУ. Наградата ќе е добар “алат” да добие средношколска стипендија, бидејќи зад себе има десетици награди за текстови на општинско, регионално и државно ниво.

Теодора подготвува нови текстови за наредните конкурси, а најактуелен е тој за месецот на книгата. За напролет ќе има готови три текста за државниот натпревар “Ацо Караманов”.

Иако е љубител на пишаниот збор, изборот на високо образование ќе í е форензиката. Чепкањето во лешеви не е пријатно како на телевизија, но тоа не ја колеба. Бидејќи нема таква високо образовна институција во регионов, пребарувала на интернет и пронашла во Шведска. Ќе мора да го научи јазикот, а од помош ќе и бидат роднините што ги има таму.      

Loading